Такси превозниците кои само пред една година едногласно ветуваа пред градоначалникот и советниците дека доколку се исполнат нивните барања за покачување на цената за такси превозот, нема да се повторува хаосот и срамната слика кога тие одбиваат да возат на релации, кои според нивна лична проценка не е достојна да го поместат возилото, си тераат по старо.

Токму на  нивно инсистирање и по неколкуте оддржани протести, советниците во април минатата година, донесоа одлука за нова цена на такси превозот од 50 денари старт со вклучен еден километар и 30 денари од секој нареден изминат километар. Задоволни од одлуката, тие тогаш најавија дека повеќе нема да се повторува  хаосот  во такси  превозот и дека ќе го почитуваат усвоениот ценовник на услуги.

И покрај тоа, деновиве сликата на охридските улици иста како и пред  да го дадат ветувањето. За да се качете во такси возило синоќа мораше најнапред да дадете отчет до каде ќе се возите, па доколку релацијата не му се допадне на таксистот воопшто и не ве качува да ве вози. На улиците можеа да се забележат бројни збунети и шокирани гости кои беа одбиени да бидат превезени или пак им беше кажувано  дека за релација од кај охридската гимназија до плажата Кадмо ќе им биде наплатено 250 денари, што е далеку од реалната цена.

Очигледно такси превозниците, кои поради својот  „професионален однос  кон патниците“ беа  дел од владините реклами и кои изминатите денови буквално дремеа во своите возила, одлучија тоа да си го наплатат викендов-  еден од двата  кога може да се каже дека градот наликува на она што некогаш се нарекуваше ек на туристичката сезона и траеше барем дваесеттина дена.

На поплаките од граѓаните до централата на такси компаниите беше објаснувано дека од нивна страна може да се контролираат вработените  до каде возат и дали го вклучуваат таксиметарот, но не и нивното однесување со потенцијалните патници.

Додека некои охриѓани се прашуваат зошто оваа сезона е послаба за разлика од претходните, голем број од нив се свесни дека се додека наместо „угости го гостинот што можеш подобро“, продолжува трендот „ограби го гостинот колку што можеш повеќе“, гости ќе има се помалку.

И додека истите грешки и пропусти се повторуваат секоја летна сезона, гостите се повеќе не одминуваат и одлучуваат за истите пари и многу подобра услуга и третман, наместо во Охрид да заминат на море, во некоја од соседните земји или подалеку.

Т. Кувенџиска