Со првиот поголем наплив на гости во градот започнаа и веќе добро познатите проблеми со охридските таксисти. Иако до пред неколку дена, очигледно поради малиот број на туристи, се согласуваа да возат независно од должината на бараната релација, од овој викенд состојбата е поинаква- прашуваат до каде треба да возат и ако станува збор за пократка релација тогаш одбиваат да ве превезат.
– На постојката пред поштата сакав да се качам во такси и ме прашаа до каде ќе одам. Им кажав до пазарот. Одговорот на сите од присутните таксисти беше- не можеме да ве носиме затоа што чекаме групи за до плажите, вели наша сограѓанка.
– Пред неколку дена кога врнеше силен дожд на постојката пред поштата иако имаше неколку такси возила и граѓани на кои им требаше превоз, такси превозниците си пиеја кафе и воопшто не обрнуваа внимание на луѓето кои им се обраќаа и се однесуваа како возилата да не се нивни, коментира гостин од Битола.
– Не сум имала некакви проблеми со таксистите ова лето, но можеби затоа што не сум се возела во вечерните часови, туку само преку ден, вели анкетирана сограѓанка.
Од Секторот за туризам и локален економски развој велат дека до нив оваа сезона не пристигнале поплаки од граѓани и гости за злоупотреба на такси услугите.
– Досега нема ниту еден пријавен случај на злоупотреба на такси услугите. Други години се случувало да доаѓаат луѓе да се жалат, да слушаме реакции во јавноста, годинава воопшто немам слушнато такви реакции. Ги обновивме и лепенките-ценовници на англиски и македонски јазик на секое од возилата , каде задолжително треба да е истакната и лиценцата за превоз. Постојано се вршат и контроли , вели раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов.
Надлежните со апел – доколку се случи злоупотреба, граѓаните веднаш да ја пријават на броевите 198- УЈП и 192 – Полиција, во секое време од денот, со наведување на такси компанијата и регистарскиот број од возилото, по што од страна на надлежните во локална самоуправа ќе следува преземање на соодветни санкции.
Т.К.