Охридските трговци ја почитувале одлуката за определување на највисоки цени на определени производи на подрачјето на Општина Охрид во текот на декември и јануари. Согласно Одлуката на Владата за определување на највисоки цени на определени прехранбени производи од 01.12.2021 година од страна на Државниот пазарен инспекторат континуирано се вршат инспекциски надзори над економските оператори.

На подрачјето на Општина Охрид биле контролирани 75 објекти во кои се врши трговска дејност, информираше Цветко Ристески, раководител на одделение за инспекциски надзор Охрид.

Од нив кај четири субјекти е констатиран прекршок за тоа дека евиденцијата во трговија на мало, која трговецот според Законот за трговија мора да ја има во секое време во продажниот објект не била доставена на увид на инспекторите при самиот инспекциски надзор како би се проверила веродостојноста на истакнатите цени на производите. За оваа неправилност издадени се прекршочни платни налози за сторен прекршок по член 55 од Законот за трговија. Откако евиденцијата се достави на увид се утврди дека истакнатите цени се во согласност со оние кои се евидентирани во самата евиденција во трговијата на мало поради што по вториот основ за почитување на одлуката за највисоки цени нема санкции, информираше Ристески за OhridNews.

До одделението за инспекциски надзор Охрид била поднесена само една пријава од граѓани за непочитување на највисоките цени на определени производи, но истата не била основана, а веројатно потрошувачот не бил доволно информиран пред да ја поднесе пријавата истакнува Ристески.

Одлуката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи како леб, шеќер, брашно – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, свежо месо и сувомеснати производи, сирење и урда, јајца, ориз и тестенини е продолжена до крајот на февруари 2022 година. Од Владата појаснија дека од одлуката за замрзнување на цените се исклучени привремените попусти кои важеле на 1 декември 2021 година.

Согласно Владината одлука, од подрачното одделение за инспекциски надзор Охрид најавија дека инспекциските контроли по овој основ ќе продолжат и во текот на февруари 2022 година.

 

К.А.