Цените во рестораните за најлудата ноќ се движат од 20 евра во ресторан „Пандонос“ со вклучена богата свечена вечера, 25 евра во ресторан „Дамар“, 35 евра во „Билјанини извори“ и „Кај Четкар“ со свечена вечера и вклучен пијалок во износ од десет евра, колку што ќе биде и дочекот во ресторанот „Тино“ со вклучено мени и аперитив, со доплата за пијалок. Ресторанот на х. „Силекс“ понуди новогодишно мени од 27 евра. Четириесет евра чини дочекот во ресторанот „Далга“ со вклучена свечена вечера и неограничен пијалок и 50 евра во ресторанот „Света Софија“, исто така со богато свечено мени и неограничен пијалок.
Дочекот во ланч барот„Објектиф“ ќе биде со слободен влез и редовни цени на пијалоците, но со претходна резервација. Во кафе-барот „Ликвид“ дочекот на Новата Година чини 1.400 денари со вклучени четири пијалоци и мезе, апетисани и овошје, додека забавата во најлудата ноќ во дискотеката „Парк“ ќе изнесува илјада денари, со три пијалоци по избор.
Дел од угостителските објекти ќе работат со слободен влез и вообичаени цени на услугите. Ноќниот клуб „Хавана“ и бич-барот „Куба Либре“ ќе работат редовно, а така ќе работат и дел од рестраните и пицериите низ градот.
-Охридските угостители се подготвени за дочек на Новата година, а дополнително оптимизам ни влева најавата дека градот ќе биде исполнет за претстојните празници. Цените се исти веќе неколку години и тие не се никаков проблем. Тие беа на ова ниво кога во соседството цените беа многу пониски, а сега тие се на наше ниво, додека со Грција и западноевропските земји цените неможат да се споредат. Не е проблем цената туку слабата економска моќ на нашите граѓани, додека за странските туристи понудените цени се прифатливи, вели Димитри Пендовски од Еснафот на угостители.
За претстојните празници во Охрид се очекуваат околу 30.000 туристи, во најголем дел од соседните држави.