– Како претставник на ноќните клубови и дискотеките, во консултација со колегите можам да кажам оти годинава ќе имаме повеќе гости од минатата, оттаму што имаме најави за дополнителни гости покрај оние традиционалните. Сметам дека овие кризни фактори посочени од ХОТАМ нема да влијаат врз работењето во нашиот сектор, вели Илија Џепароски, сопственик на ноќниот клуб „Арена“.
Ерол Сулејманоски, сопственикот на клубот „Објектив“, ресторанот „Суво пиперче“ и косопственик на дискотеката „Парк“ посочи дека во отсуство на национална стратегија за туристичката понуда, локалниот туристички еснаф самониницијативно покренал иницијатива за намалување на цените на услугите.
– Согласно прифатениот договор, имаме намалување на цените кај угостителските објекти така што оваа година сме далеку поевтини од лани. Конкретно цената за дочекот на Новата 2010 година во дискотеката „Парк“ е намалена од 2.000 на 1.500 денари, додека во клубот „Објектив“ таа е намалена од 2.400 колку што изнесуваше ланската година на 1.900 денари за годинава, истакна Сулејманоски.
Угостителите сметаат дека корегираните цени ќе бидат доволна провокација за туристите и оваа Нова година да ја минат во Охрид. На тоа според нив укажува податокот за продаденост на 90 проценти од угостителските капацитети.