Охрид не е скап град, напротив, тој е значително поевтин од познатите туристички дестинации во регионот, возвраќаат угостителите на критиките што на нивна адреса неодамна ги упати градоначалникот Бакрачески од состанокот на Советот на градски татковци, кој расправаше за можноста тие да ги намалат цените на услугите. Од еснафот на угостители, велат дека Охрид има цени за секој џеб и одговорни угостители, посочувајќи дека за лошиот впечаток се виновни неодговорни поединци кои во сезона сакаат преку ноќ да остварат профит на штета на туристите, но и на охридскиот туризам во целост.

-Тоа се објекти од сезонаки тип кои гледаат на брзина да заработат. Во локалите во Охрид кои работат преку цела година цените се на задоволително ниво. Тука треба да се внимава на измами на квази угостители за кои има реакции.-вели Димитри Пендовски, од еснафот на угостители и сопственик на познатиот ресторан „Св. Софија“.


Димитри Пендовски

Пендовски посочува дека во сезона бројот на угостителски објекти во Охрид, е зголемен за 5 пати, и затоа никако не треба во ист кош да се ставаат сите угостители. Според него целонсо погрешно е размислувањето оти со намалување на цените ќе се подобри квалитетот на охридскиот туризам.

-Ефектот ќе го постигнеме само со подобрување на општата инфраструктура, понуда и хигиена. Тие проблеми ни се провлекуваат со години и тука треба да се насочи енергијата, кон подобрување на услугите, рече Пендовски.

Несогласување со критиките кон угостителите искажаа и дел од градските советници. Тие сметаат дека таквите изјави можат само да и наштетат и на ионака слабата туристичка сезона. Според нив локалната самоуправа наместо да критикува, треба да донесе сет мерки со кои ќе ја подобри состојбата во угостителството.

-Да се започне со намалување на цените на некои услуги за угостителите, намалување на цената за поставување на урбана опрема и даноци. На овој начин директно ќе влијаеме на формирањето на вкупната цена на угостителските услуги, рече Јоне Станкоски, советник од ВМРО НП.


Јоне Станкоски

Советникот Станкоски смета дека Охрид пред се треба да изгради квалитетна понуда, и да има цени за различен тип туристи.

Г. Момироски