Советот на Општина Охрид на денешната 25-та седница ја изгласа предлог одлуката за продолжување на работното време на угостителските објекти во Охрид.
Според оваа одлука, тие ќе можат да работат два часа плус за време на одржувањето на значајни културни настани и манифестации односно на 3-ти и 5-ти јули, 1-ви, 2-ри, 3-ти, 8-ми, 9-ти и 10-ти август и на 6-ти, 7-ми и 8-ми септември 2014 година. На 4-ти јули годинава, кога во Охрид ќе се организира културно забавната манифестација „Бело Лето“, угостителските објекти ќе работат цела ноќ.
Работното време на угостителските објекти се продолжува за 1 час во деновите: 11-ти, 12-ти, 13-ти, 25-ти, 26-ти и 27-ми јули, 10-ти, 11-ти, 23-ти, 24-ти и 25-ти октомври, 6-ти, 7-ми и 8-ми декември 2014 година.
Секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески смета дека оваа одлука значително ќе придонесе за развој на туризмот во текот на летните месеци, но и надвор од нив.
-Ние сме во постојана комуникација со Здружението на угостители од Охрид, од каде што едно од барањата кое што беше доставено до нас беше и да се најде соодветна можност за продолжување на работното време. Со оваа одлука ние како Локална самоуправа излегуваме во пресрет на нивните барања и даваме еден придонес кон развој на туризмот, изјави Спасески.
Тој објасни дека продолженото работно време е утврдено во согласност со Законите и во координација со Пазарниот инспекторат.
OhridNews