Мирисот на печени пиперки и свежо испржен ајвар во минатото се ширеше од речиси секоја охридска улица, но оваа есен вистинска реткост е да се намириса подготвување на оваа традиционална зимница во Охрид.
Граѓаните кои ги затекнавме на охридскиот пазар велат од година во година се намалува бројот на охридски домаќинки кои подготвуваат ајвар, затоа што истиот е скапа инвестиција и прераснува во луксуз.
-Порано земав по околу 100 килограми пиперки за ајвар, но оваа година купив само 30 килограми пиперки, за да не останеме зимава без ајвар. Сметам дека високите цени на намирниците кои се потребни за подготовка на ајварот си го направија своето и неговото подготвување сега можат да си го дозволат само семејствата со повисоки примања. Истото се однесува и за подготовка на другите зимници како што се лутеници, туршија, мармалад, слатко и слично, вели повозрасна госпоѓа од Охрид.
Помладите домаќинки пак сметаат дека подготовката на ајварот и на останатата зимница се искоренува поради современиот начин на живот.
–Јас не подготвувам ајвар најпрвин затоа што немам каде да го подготвам, бидејќи живеам во стан. Но исто така знаеме дека за да се подготви ајвар потребно е многу време и работа, а јас работам во смени и немам време за подготовка. Исто така за разлика од порано денес на пазарите и во маркетите се продава голема количина на свежо овошје и зеленчук и во текот на зимата, така што нема потреба истото да се јаде конзервирано и преработено во зимница, вели млада охриѓанка која пазаруваше на Градскиот пазар во Охрид.
Оние охридски домаќинки кои сакаат да го имаат ајварот на зимската трпеза, а немаат време да го подготват, најчесто го купуваат по порачка.
-Имаме неколку семејства кои ни се муштерии и кои подготвуваат домашен ајвар по порачка и мислам дека остваруваат солидна заработка од ваквата трговија. Мислам дека продаваат една тегла ајвар од 150 до 200 денари. Исто така подготвуваат и други видови на зимница како што се конзервирани салати и мармалади, вели трговец кој има тезга на охридскиот пазар.
Тој раскажува дека во последниве неколку години актуелни се и печките за печење на пиперки, па ретки се домаќинките кои ги печат пиперките сами.
Инаку според понудата на охридскиот пазар во моментов црвената пиперката ајварка се продава по цена од 27 до 30 денари за килограм, модрите патлиџани чинат од 10 до 15 денари по парче, а црвениот домат од 30 денари па нагоре. Доколку се купува поголемо количество на производи, пазарџиите нудат и попусти на цените.
Е.М