Оштетени еластични огради, несоодветна сообраќајна сигнализација и „незгодни“ вдлабнатинки по охридските улици, се дел од проблемите со кои охридските возачи секојдневно се соочуваат.

Месното население од крајбрежните охридски села реагира дека еластичните заштитни огради на магистралниот пат од населбата „Св. Стефан“ кон Охрид се доста оштетени и во очајна состојба.

Безбедноста на возачите е доведена во прашање, бидејќи сепак се работи за магистрала која го поврзува Охрид со селата во овој реон. Можеби во овој период фрекфенцијата на возила не е голема, но дали треба да чекаме до летото. Не се работи за едно или две оштетувања, туку за цели метри искривени и целосно уништени банкини.“ – вели жител од населбата Рача.

Покрај овие проблеми, охриѓани негодуваат на несоодветната сигнализација на повеќе места во градот. Граѓаните потенцираат дека веќе со месеци чекаат на поставувањето соодветна вертикална сигнализација на улицата „Галичица“, која со новиот режим на движење усвоен уште пред летниот период е наменета за двонасочен сообраќај.

Чекаме со месеци, реагираме преку медиумите, но никој ништо не презема. Сите возиме по двонасочна улица, а хоризонталната сигнализација покажува обратно. Ние како охриѓани сме запознаени со овој проблем, но што е со оние кои ретко возат по оваа улица. Едноставно постои забуна кај возачите.“ – вели охриѓанец.

Како проблем, возачите ги посочуваат и „незгодните“ вдлабнатинки на повеќе градски улици, каде наместо асфалт се поставени бекатон-плочки.

„Откако во летниот период раскопаа дел од улицата „Никола Карев“, истата беше поплочена со бекатон-плочки наместо асфалт. Во моменотв, тие плочки пропаѓаат и се создава вдлабнатинка која ние возачите ја избегнуваме. До кога ќе пропаѓаат плочките ќе видиме, ама сигурно не уште долго.“ – велат жители од населбата „Трудбеник“.

Охриѓани се надеваат дека надлежните служби во периодот кој претстои ќе реагираат соодветно, со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

О.Т.