Охридски занаетчии и стопанственици, како дел од македонската државно – стопанска делегација учествуваат на 16-от меѓународен саем на стопанството, занаетчиството и земјоделството „ VIROEXPO 2011“, којшто од денес до 23 јануари се одржува во Вировитица, Хрватска. Меѓу нив се познатиот изработувач на охридскиот бисер, Климе Талев,  резбарот Кочо Ајноски и претставник од хотелот Ројал. Како што информираат од Локалната самоуправа, на македонскиот штанд ќе бидат презентирани промотивни материјали за Охрид и занаетите кои сеуште опстојуваат и кои се специфични за нашиот град.


На саемот, којшто е насловен „Македонија – земја партнер“, учествуваат 27 фирми од Македонија со свои производи од областа на текстилот, земјоделството, винарството, занаетчиството и туризмот.

Македонската делегација, предводена од заменикот министер за економија, Методиј Хаџи Васков, денеска ќе одржи економски форум меѓу претставниците на Македонија и Хрватска, по чие одржување се очекува да се потпише спогодба за соработка меѓу ХСТ – Жупаниска комора Вировитица и СКМ – Регионална комора на Охрид.

Во месец октомври делегација на Вировитичко-подравската жупанија од Хрватска, го посети Охрид при што оствари средба со охридските стопанственици. При тоа тие ја добија поканата Македонија  и Охрид да бидат партнери на Меѓународниот саем  VIROEXPO 2011. Како што истакна амбасадорот на Република Хрватска во Македонија на средбата, Иво Кујунџиќ,  разговорите во Охрид и учеството на охридските стопанственици на саемот се почеток на поврзување на бизнис секторот од двата региона и соработка која треба да се развие во насока на заеднички настап на компаниите на трети пазари.

На манифестацијата, која е под покровителство на Владата на Република Хрватска, ќе бидат претставени околу 700 фирми, излагачи од 19 земји од регионот и пошироко, а ќе ја отвори претседателката на хрватската Влада, Јадранка Косор.

OhridNews