Зголем интерес за искористување на мерките од ИПАРД програмата во Охрид. Земјоделците постојано се јавуваат за обновување на механизацијата вели Билјана Ѓорческа, раководител на Одделение за Југозападен регион – Охрид, при Агенцијата за поттикнување за развој на земјоделството.
Најголем интерес има за мерката 1 која опфаќа модернизација и инвестиција на земјоделски стопанства која вклучува набавка на трактори, приклучна механизација, подигање на нови овошни и лозови насади пропратено со систем капка по капка, вели Ѓорчевска.
Ѓорчевска од ИПАРД програмата ги споменува и мерката 2 која вели се однесува на преработувачки капацитети, каде учествуваат правни лица, како и мерката 3 за диверзификација и развој на рурални средини односно селски туризам, каде што може по населените места во руралните средини да се направат објекти за сместување, придружени со базени, патеки за шетање, рибници, но во склоп на тој сместувачки капацитет.
Оваа мерка малку послабо се користи затоа што деталниот урбанистички план по селата го нема, а легализацијата мора да има на објектите, бидејќи станува збор за користење на европски средства, каде мора да се приложат и потребните документи. И системите капка по капка многу слабо ги користат земјоделците бидејќи и ископот за бунарот треба да биде легализиран, зошто до одредена длабочина е сопственост на земјоделецот, а потоа сопственост на државата. И секако треба да има дозвола за вадење на вода, односно да има изготвено елаборат дека се тоа е легално или земјоделецот да има договор со водостопанско претпријатие дека ги користи услугите и си плаќа на државата затоа што користи вода, вели Ѓорческа.
Додава дека ИПАРД програмата се објавува два пати во годината. Имале предлог да биде отворен повикот преку цела година, но сега за сега останува двапати во годината, а истиот трае 45 дена, со што има доволно време да се набави потребната документација за апликација. Вели како служба им стојат на располагање на земјоделците, да им помогнат, насочат и советуваат.
Од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) денес информираат дека за 15 дена се продолжува рокот за поднесување апликации за набавка на системи за наводнување, за инвестиции во бунари и зафати на површинска вода.
Сите заинтересирани барањата може да ги поднесат електронски на e–baranje.ipardpa.gov.mk. Максималната сума која може да ја земе поединечно секое земјоделско стопанство за систем за наводнување е до 1.800.000 денари, додека финансиската поддршка за инвестиции во бунари или зафати за површинска вода е до 364 илјади денари по корисник, посочи директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски.
Новиот краен рок за аплицирање е 11.02.2022 година (петок).
Н.С.Ј.














