Со цел да ја подобрат конкурентноста на земјоделското производство, да ја поттикнaт економската активност во руралните средини и да ги зголемат можностите за вработување, охридските земјоделци ќе може да аплицираат за средства од ИПАРД програмата.
Од Секторот за туризам и локален економски развој и Канцеларијата за стручна поддршка на развојот на земјоделството при општина Охрид информираат дека деновиве е објавен Јавниот повик за користење финансиски средства за три мерки од Петтата компонента на оваа програма.
Првата мерка или 101 се однесува на Инвестиции на земјоделските стопанства со цел нивно преструктуирање и надградба за достигнување на стандардите на Европската Унија. Мерката 103 се однесува на Инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, а мерката 302 е намената за Диверзификација и развој на руралните економски активности.
-Финансиската поддршка за овој Јавен повик е составена од 75% средства обезбедени од петтата компонента на Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија согласно Повеќегодишната Финансиска Спогодба 2007-2011 и 25% средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија, информираат од Канцеларијата за стручна поддршка на развојот на земјоделството.
Оттаму објаснуваат дека финансиски средства по поединечно барање ќе се доделуваат како неповратна финансиска поддршка во износ од 50% од вредноста на прифатливите трошоци.
-Целта на ИПАРД програмата 2007-2013 е преку соодветни мерки за поддршка на земјоделството и руралниот развој да се подобри конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехрамбениот сектор, преку нивно усогласување со стандардите на Европската Унија и постигнување одржлива животна средина и социо-економски развој на руралните средини преку поттикнување на економската активност и зголемување на можностите за вработување, посочуваат од општинскиот Сектор за ТЛЕР.
Крајниот рок за поднесување на барањата е 5-ти мај 2015 година, а подетални информации заинтересираните можат да добијат на веб страната www.ipardpa.gov.mk или во Канцеларија за административни работи и стручна поддршка на развојот на земјоделието при општина Охрид.
OhridNews














