Националната установа фестивал „Охридско лето“ наместо 53 милиони денари, колку што побарала од Министерството за култура, ќе добие 23 милиони денари или околу 374 илјади евра. Толку е предвидено со Програмата за културно – уметнички манифестации за 2018 година, што деновиве јавно ја презентираше министерот за култура Роберт Алаѓозоски. Се очекува во наредниот период фестивалот да ја објави програмата за 58-то издание кое ќе се одржи во вообичаениот термин од 12 јули до 20 август.

Инаку, во рамки на годишната програма на Министерството за култура од областа на инвестиционото и техничкото одржување на објектите и опремата во државна сопственост, од буџетот ќе бидат издвоени 1.4 милиони денари за санација и тековно одржување на летната сцена „Долни Сарај“ со која стопанисува Националната установа Охридско лето.

Од истата програма градската библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе добие десет пати помалку средства, или 140000 денари, кои ќе бидат наменети за набавка на ПП апарати.

OhridNews