Министерката тогаш рече дека изборот на новиот раководител на институцијата ќе биде од редовите на 12-те кандидати што аплицираа за директорското место, на конкурсот објавен минатата година.
Вршителот на должноста директор на „Охридско лето“ Васил Зороски, кој функцијата прв човек на фестивалот ја извршуваше од јуни минатата година, вчера отпатува во Скопје на средба со министерката за култура. Иако на Зороски само неколку дена пред истекот на шестмесечниот в.д. мандат, истиот му беше продолжен за уште шест месеци, сепак најверојатно тој ќе биде заменет на функцијата.
Инаку, кандидатите што се пријавија на отворениот конкурс за функцијата директор на Фестивалот „Охридско лето“ веќе имаа разговор со министерката за култура, како дел од процедурата за избор на прв човек на најпознатата музичко-сценска манифестација во земјата. Канческа-Милевска тогаш истакна дека средбата има за цел лично да ги запознае сите кандидати, како и непосредно од прва рака да се запознае со квалитетот на нивните програми за работа. Таа притоа најави дека врз основа на програмата и интервјуто ќе се вреднува нивниот труд и подготвеноста да дадат придонес во развојот на инстутуцијата.
Иако министерката најави дека доколку се процени оти ниту еден од пријавените кандидати не ги исполнува критериумите пропишани во конкурсот за директорското место на „Охридско лето“ останува отворена можноста за распишување нов конкурс, сепак најверојатно тоа нема дасе случи, односно новиот директор на фестивалот ќе биде некој од кандидатите пријавени на минатогодишниот конкурс. Тоа се Наташа Спасеска, Стојан Савески, Јованчо Секулоски, Климент Наумов, Томе Џамтоски, Александра Белевска, Климент Недевски, Благоја Петковски, Васил Ложанкоски, Анита Котеска, Мери Георгиева и Климент Неделковски. Некои од кандидатите незадоволни од бавноста на донесувањето на одлуката, веќе најавија дека ги повлекуваат нивните апликации.