Фестивалот Охридско лето и оваа година е прогласен за најголем туристички настан, награда со која се закити и минатата година, а востановена од Министерството за економија по повод Светскиот ден на туризмот – 27 септември. Признанитето денеска на пригодна свеченост и беше врачено на директорката на фестивалот Елизабета Јанкуловска.
– Минатата година ветивме дека ќе ги оправдаме епитетот за најуспешен туристички настан и дека ќе работиме уште повеќе. Тоа не доведе до уште една награда која навистина не прави горди но и ни ги потврди нашите заложби, културата да биде еден од главните чинители во развојот на туризмот. „Охридско лето“ е наш најголем културен бренд, еден од главните чинители на музичката култура на земјава, промотор на националното музичко творештво и амбасадор на македонската музичка уметност во светот, вели Јанкуловска.
Според неа Охридско лето е најголем туристички настан затоа што бројни уметници, над илјада кои секоја година настапуваат на фестивалската сцена, ги пополнуваат сместувачките капацитети. Фестивалот, вели директорката на Охридско лето, привлекува и бројни гости, туристи кои доаѓаат токму да ги слушнат големите светски ѕвезди и да ги видат најдобрите театарски претстави. Тие исто така покрај тоа што посетуваат настан на Охридско лето се сместуваат во хотлите и приватните капацитети.
-Над 25.000 посетители на годинешните 40 фестивалски дена ги посетија мизичко драмските настани. Имавме публика не само од Македонија туку и многу меѓународни гости кои специјално дојдоа да ги следат настаните кои беа на репертоарот, рече Јанкуловска.
Фестивалот Охридско лето кој преставува најголемата културна музичко сценска манифестација, препознатлива не само кај нас туку и во светски рамки, изминативе години се покажа како еден од најмоќните двигатели на туристичкиот развој во Р Македонија. Голем број уметници, кои и денес припаѓаат на светската елита, го прогласија Охрид за свој летен уметнички дом со што го афирмираа градот во интернационалните професионални кругови.
Туристички манифестации што ја одбележаа изминатата година се и „Еснаф“ Скопје и фестивалот „Браќа Манаки“-Битола и Тетовското културно лето – Тетово. На одбележувањето на Светскиот ден на туризмот денеска во Министерството за економија им беа доделени плакети и на хотелите „Аурора ресорт спа-Берово“, „Изгрев“ Струга, „Султан“ Скопје и „Скардус“ Тетово. За најдобри инкаминг туристички агенции пак беа прогласени „Бадем турст“, „Карачи“, Визит Македонија“ и ВАС-ТУР“ од Скопје. За најдобри ресторани, пак, се прогласени „Њу Стар“, „Рагуза“, „Венето“ и „Мираколи“ од Скопје.
OhridNews