Ова партнерство трае веќе 15 години, со цел континуирано и квалитетно одржување на овој фестивал, кој претставува еден од најгласните амбасадори на македонската култура, уметност и музика.
– Среќни сме што постојат компании кои вложуваат во промоција на младите уметници, но и на Македонија воопшто и дека токму тие се наши партнери. Ова долгогодишно партнерство се заснова на доверба, разбирање и почит– изјави директорката на Фестивалот, Елизабета Јанкуловска.
Годинешното издание ќе донесе во Охрид околу 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари од 14 земји: Русија, Италија, Англија, Турција, Албанија, Германија, Кипар, Франција, Полска, Шпанија, Хрварска, Белгија, Шведска и Македонија.
Додека трае културната програма се очекуваат и голем број туристи, дел од нив приврзаници и љубители на уметноста кои организирано и со чартер летови доаѓаат од Израел, Холандија и Белгија.
– Свесни сме колку многу значи поддршката од страна на една компанија како нашата, за да опстојат ваквите бисери низ годините. Овој фестивал е гордоста на Македонската уметност и култура – нешто што трае повеќе од пет децении, и е доказ повеќе за нашата долга историја и традиција во уметноста. За да бидеме свесни за значењето на овој фестивал, ќе напоменам само дека ако одредени земји пред 50 години биле во самите зачетоци на нивното оформување, ние веќе сме имале изградена уметност, музика и култура. Треба да се гордееме, да го негуваме ова што го имаме и да ја градиме иднината – изјави Димитар Ковачевски, Директор на областа за комуникација при Т- Home и Т- Мобиле, Македонија.
И оваа година концептот на програмата е вклучување на што поголем број нови врвни уметнички имиња кои до сега не настапиле на „Охридско лето“, а кои на светските сцени претставуваат вистинска атракција и за кои секогаш се бара место повеќе во концертните сали. Секако, покрај класичните концерти и рецитали кои се одржуваат во црквата „Света Софија“ како носители на музичката програма на „Охридско лето“, ќе има и настани кои ќе бидат наменети за пошироката публика. Имено, во програмата се вклучени неколку атрактивни концерти, предвидени за просторот на Античкиот театар.
Годинава, за „Охридско лето“ значајно е тоа што после дванаесет години Фестивалот ќе се отвори со театарска претстава, и тоа со оригиналната и прва изведба на Ромео и Јулија во овој состав, рускиот театар, Вера Комисаржевска, Народниот театар од Битола, МОБ и народниот театар од Охрид, а во режија на Македонецот, Дејан Пројковски.
Роденденот на „Охридско лето“, 4 август, кога традиционално се одржува вокален концерт, ќе биде обележан со настапот на една од најголемите светски атракции, словенечкиот вокален џез состав „Перпетуум Џезиле“.












