Со цел обезбедување на соодветни услови за работа, нови функционални сценски простори и конечно решение на просторниот проблем кој го има охридската библиотеката околу сместување на книжниот фонд, НУ Библиотека „Григор Прличев“ и НУ „Охридско лето“, ќе извршат размена на просториите кои им се на располагање.
Имено, со одлука на Министерството за култура на Р Македонија, НУ „Охридско лето“ ќе се префрли во просториите кај некогашен „Путник“, кои неодамна и беа доделени на Библиотеката, а сегашната зграда на Дирекцијата на „Охридско лето“ ќе се преадаптира за потребите на книжниот фонд на Библиотеката.
– Со ваквата размена на просториите библиотеката ќе добие една просторна целина, административниот дел и книжниот простор ќе бидат на едно место, а „Охридско лето“ соодветен простор прилагодлив за својата активност. Просторното решение на „Охридско лето“, неговата адаптибилност и прилагодливост во административниот простор, бара единствено простор кој пред се ќе одговара со својата квадратура за нормално функционирање, простор кој би бил веднаш вселив. За нас е најважно да обезбедиме дополнителен простор кој ни е неопходен во реализацијата на настаните, како за време на 40-те фестивалски денови, така и преку целата година, како библиотечен, театарски, сценски простор, театарска сцена, сали за изложби, прес конференции и слично, вели директорката на „Охридско лето“, Елизабета Јанкуловска.
Инаку за објектот на Центарот за култура, каде сега се сместени двете национални установи, уште во 80-тите години направен е предлог проект за реконструкција. Според најавите тука е предвидено да се гради културен комплекс, во кој би имало големи и мали сали за настани, простори за изложби, промоции и презентации, кино простор и други содржини, меѓу кои и простор за распределба на административниот дел на веќе присутните установи.
Како што информираат од „Охридско лето“, во новите простории ќе се преселат по целосна адаптација на просторот во објектот на некогашен „Путник“.
OhridNews