Охридско – преспанскиот регион денеска ќе биде зафатен од тропски горештини од таканаречената портокалова фаза. Според најавите на синоптичарите, живата во термометрите во Охрид денеска ќе се искачи до +36 степени Целзиусови, невообичаено високи за овој регион. Во портокалова фаза денеска ќе биде и Осоговско – малешевскиот регион.

Согласно Акцискиот план за заштита од топлотни бранови за целата држава остануваат да важат општите препораки за намалување на ризици врз здравјето од  дејството на топлотниот бран. На граѓаните им се препорачува во текот на ваквите екстремно топли денови, да останат повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори  под сенка. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината), а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење,  а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри. Хроничните болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

 

Поради високите темепратури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, препораките се:

-Задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба.
-Термичка подготовка на храната и нејзино конзумирање во многу кус рок по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употребата истата да се загрее на + 100 степени.
-Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.

OhridNews