Според последните информации на Управата за хидрометеролошки работи, нивото на водата во Охридското Езеро се наоѓа на 693,22 метри надморска височина. Ова ниво е 5 сантиметри над природната кота, која изнесува 693,17 или 12 сантиметри над минимално дозволената кота која изнесува 693,10 метри надморска височина.
Хидрометеролозите велат дека ваквиот езерски водостој е карактеристичен за овој период од годината.
-Во текот на изминатите неколку дена има благо зголемување од неколку сантиметри на езерското ниво, како резултат на врнежите. Во споредба со претходните години, ова ниво на езерото сеуште е под просечно измереното ниво, кое е карактеристично за овој период од годината, велат од Управата за хидрометеролошки работи на Република Македонија.
Оттаму објаснуваат дека зголемување на водостојот може да се бележи и во наредниот период како резултат на дождовите кои се очекуваат во текот на наредниот период.
Во средината на месец ноември, минатата година, нивото на Охридското Езеро беше на кота од 693,24 метри надморска височина, односно 7 сантиметри над природната кота. Големо намалување на нивото на водата во Охридското Езеро беше регистрирано во есента 2011 година, кога пресуши дотокот на вода во Билјанини Извори.
OhridNews