Во Охридското Езеро, тркалезниoт сунѓер (Ochridaspongia rotunda) се среќава претежно на длабочина од 30-50 метри, па се до 120 метри на температура на водата од 6-8 степени Целзиусови. Со крупни димензии, со дијаметар во основата од 13 сантиметри тој живее прицврстен на празни остатоци од школки или на некоја цврста подлога или камче. Забележано е дека овој вид сунѓер преку целата година има ембрионален развој.


Охридскиот тркалезен сунѓер е еден од најинтересните облици на длабинската зона и не само заради тоа што е прастар облик според кој го добил името „rotunda“ кој потсетува на морски еж без боцки, туку тој целосно се разликува од другите сунѓери во Охридското Езеро кои исклучиво живеат во поплиткиот дел на езерото. Тркалезниот облик покажува дека животното живее под услови на релативно мирна вода во која брановите движења воопшто не влијаат на него. Бојата на сунѓерот е жолтеникаво-белузлава со површина која често има кадифест изглед.


   
Во рамките на Програмата за заштита на животната средина и природата во која се предвидени и проекти за одбележување на значајни денови од екологијата, Секторот за урбанизам и заштита на животна средина при Општина Охрид го одбележува 22-ри мај- Меѓународниот ден на биолошката разновидност. Годинава овој ден Општина Охрид ќе го посвети на промоцијата на ендемичниот вид на Охридскиот тркалезен сунѓер(Ochridaspongia rotunda). 


Промоцијата на Охридскиот тркалезен сунѓер ќе се одржи денеска на градскиот плоштад во Охрид со почеток во 13 часот.

OhridNews