Охридското Езеро во иднина ќе добие обележан пловен пат, по кој ќе се движат бродовите, глисерите и другите пловни објекти. За таа цел Министерството за транспорт и врски преку Електронскиот систем за јавни набавки, деновиве објави Јавен оглас, за изработка на проект за обележување на езерската површина со поставување на пливачки направи. Вредноста на оваа јавна набавка изнесува околу 2.500 евра или точно 150.000 денари.

Од Капетанијата на пристаништата во Охрид велат дека откако ќе се изработи проектната документација ќе се пристапи кон објавување на јавен повик за обележување на пловниот пат.

-Обележување на пловен пат на езеро значи одредување на минималната оддалеченост на пловилата од брегот. Оваа прописна оддалеченост од брегот ќе овозможи поголема дисциплинираност на учесниците во пловниот сообраќај. Со одредување на пловниот пат, во голема мера би се надминале досегашните проблеми, бидејќи глисерите ќе мора да се движат на прописно обележана растојание од брегот. Исто така и скутерите, во она време кога им е дозволено ќе бидат обврзани да се движат во зоната за пловидба. Истиот пропис ќе важи и за бродовите кога пловат со поголема брзина по езерото, појаснува Горан Устијановски, капетан на Капетанијата на пристаништата во Охрид.


Тој појаснува дека пловните објекти ќе можат да излезат надвор од обележаната зона за пловидба само кога приоѓаат на некој платформа или мост, кога според прописите се должни да пристапат со намалена брзина.

Освен јавниот повик за изработка на проект за пловен пат, Министерството за транспорт и врски објави и јавен повик за изработка на проект за обележување на пристаништа, пристапни мостови и платформи на Охридското Езеро за потребите на Капетанијата во Охрид. Проценетата вредност за изработка на овој проект е 150.000 денари.


-Со овој повик се бара проект за детално одредување на местата на брегот, каде што ќе бидат поставени сигнални светла и пловидбени знаци, кои се меѓународно пропишани и служат за означување на пристаништата, мостовите и платформите. Прецизно ќе треба да бидат означени местата каде може да се сидри, каде може да се приврзе пловен објект,  каде е дозволена употреба на моторен погон, колкава е дозволената брзина на пловење во каналот и слично, вели Устијановски.

Тој објаснува дека со овој проектот ќе бидат опфатени и светилниците на пристаништата во Охрид и во Свети Наум.

Е.М