Иако сме на прагот на пролетта, нивото на водата во Охридското Езеро не бележи значајно зголемување, кое е карактеристично за овој период од годината. Според последните информации на Управата за хидрометеролошки работи, нивото на езерската вода се наоѓа на 693,27 метри надморска височина, односно 10 сантиметри над природната кота, која изнесува 693,17 или 17 сантиметри над минимално дозволената кота која изнесува 693,10 метри надморска височина.
Според хидрометеролозите ова зголемување на нивото на водата е многу мало, во споредба со истиот период минатата година, кога езерското ниво беше околу 20 сантиметри над максимално дозволената кота од 693,75 метри.
-Бидејќи во текот на изминатава зима немавме големи врнежи на снег и дожд, освен Охридското Езеро, низок раст на нивото на водата се бележи и кај Преспанското и Дојранското Езеро, како и кај другите акумулации. Зголемување на нивото на водата може да има во текот на наредниот период, како резултат на пролетните врнежи на дожд кои се очекуваат во април и мај, вели Рада Бојковска од Управата за хидрометеролошки работи.
Големо намалување на нивото на водата во Охридското Езеро беше регистрирано во 2011 година, во текот на есенските месеци, кога пресуши дотокот на вода во Билјанини Извори.
Е.М