На покана на Директорот на Државниот инспекторат за рибарство и аквакултура од Република Албанија, Армант Телхари, претставници на Државниот инспекторат за земјоделство на Република Македонија предводени од Директорот Д-р Румен Стаменов беа во работна посета на мрестилиштето за производство на подмладок од охридска пастрмка наменет за порибување на Охридското Езеро во Лин, Република Албанија. За време на работната посета остварени беа средби помеѓу Директорите на инспекторатите од Република Македонија и Република Албанија, и средба на Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство од Република Македонија со Заменик министерот за земјоделство од Република Албанија, Албан Зуши.

За време на работната посета на мрестилиштето во с.Лин претставниците на Државниот инспекторат за земјоделство од Република Македонија присуствуваа на порибувањето на Охридското Езеро со подмладок од охридска пастрмка добиен од вештачкиот мрест во 2014 год изведуван од рибарите на Албанската страна од Езерото, кој мрест финансиски е поддржан од Владата на Република Албанија. Порибувањето е извршено 560.000 илјади парчиња на охридска пастрмка на возраст од 7 месеци.

Со ова порибување се заокружи порибувањето на Охридското Езеро со подмладок од охридска пастрмка во 2014 година, кој подмладок е произведен во мрестилиштата во Република Македонија (Ј.Н.У Хидробиолошки Завод во Охрид 1.875.000 парчиња од охридска пастрмка, Мрестилиштето во с.Шум во Струга во количина од 300.000 парчиња на охридска пастрмка) и мрестилиштето во с.Лин Република Албанија во количина 560.000 парчиња на охридска пастрмка, кој процес е финансиски подржан од Владите на Република Македонија и Република Албанија.

Во 2014 година Македонскиот дел од Охридското Езеро е порибено со 2.175.000 парчиња на подмладок од охридска пастрмка, додека Албанскиот дел од Охридското Езеро е порибен со 560.000 парчиња на охридска пастрмка.

На средбите беше нагласена потребата од усогласување на Законските и подзаконските одредби кои го регулираат риболовот на Охридското Езеро на двете страни од езерото, како што се усогласување на времето (термините) на забрани за вршење на риболов на одредени видови на риби во Охридско Езеро, потребата од усогласување на дозволени риболовни средства за вршење стопански риболов, дозволените големини за лов на одредени видови риби и притоа потенцирана е потребата од зедничкото менаџирање со рибниот фонд на Охридско Езеро преку изработка на риболовни основи за Охридско Езеро кои ќе се имплементираат од двете страни на езерото. За таа цел е нагласена потребата од потпишување на меѓудржавен довор за соработка од оваа област, договорено е интензивирање на соработката помеѓу двата инспекторати и притоа истакната е потребата од вклучување на науката во решавањето на одредени состојби со цел усогласување на Законските и подзаконските акти кои го регулираат риболовот на Охридско Езеро.

OhridNews