Охридското Езеро денеска беше порибено со 100.000 единки подмладок од ендемичниот вид охридска пастрмка. Оваа количина е дел од вкупно планираните 2.500.000 единки за цело езеро. Акктивноста започна на 11-ти овој месец и континуирано ќе се спроведува до првата половина на октомври. Пастрмката е на возраст од 6 до 9 месеци, со тежина од три грама и должина до седум сантиметри.

На порибувањето што го изврши Хидробиошкиот завод од Охрид присуствуваа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во Охрид и претставници на Државниот инспекторат за земјоделство. Станува збор за редовна активност согласно Законот за рибарство и аквакултура, со кои државата е задолжена за порибување на риболовните води врз основа на риболовната основа изготвена од надлежните овластени институции, информират од ресорното министертво. 

-За оваа активност во Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата се предвидени средства во износ од 10 милиони денари. За изведување на вештачкиот мрест и порибување на езерото, министерството склучи договор со ЈНУ Хидробилошки завод од Охрид и со Институтот за сточарство при УКИМ– мрестилиштето Шум од Струга.
Паралелно со активностите што се спроведуваат во однос на порибувањето од македонска страна, порибувања се вршат и на албанската страна на езерото. Потребната количина на порибителен материјал за изведување на порибувањето е утврдена во риболовната основа за Охридско Езеро, во која е предвидено порибувањето наОхридското Езеро за периодот 2017 – 2022 година да се врши со 2.000.000 единки од охридска пастрмка секоја година. Риболовните основи се стручни студии за начинот на стопанисување во риболовните води и со нив е одредено со колку единки треба да се пориби одредена риболовна вода. Но, секогаш доколку во одредена вода се случи некоја промена, постои можност за ревизија на истата. – велат од МЗШВ

Вкупната финансиска поддршка за годинешната Програма за рибарство и аквакултура изнесува 90 милиони денари.

Од МЗШВ информираат дека во фаза на подготовка е Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2018 година и секако и за наредната година ќе се предвидат финансиски средства за обезбедување на потребните количини квалитетен и здрав подмладок од охридска пастрмка, за што Владата на Република Македонија ќе ги обезбеди потребните финансиски средства.

Инаку, во периодот 2005-2016 година охридскиот и струшкиот дел на езерото вкупно се порибени со над 20 милиони единки подмладок од Охридска пастрмка со просечна возраст од 6-9 месеци, за што се исплатени вкупно средства во износ од околу 61 милиони денари.

-Во насока на заштита и одржување на рибниот фонд, како и заради планско експлоатирање на рибите, а во согласност со Законот за рибарство и аквакултура, рибите од риболовните води од Охридското езеро се доделени на концесија. Со оглед на тоа дека концесијата за вршење стопански риболов на сегашниот концесионер за Охридско езеро, истекува наредната година, на почетокот на 2018 година е предвидено започнување на постапка за доделување на нова концесија за наредниот шест годишен период. – најавува МЗШВ.

OhridNews