Нивото на Охридското Езеро извесен период е во опаѓање. На градскиот кеј се забележуваат делови од дното кое сега е на суво, како и поголеми камења. На суво се и дел од столбовите на мостот пред хотелот „Палас“.

Нивото на Охридското Езеро варира во зависност од хидролошката состојба, обемот на врнежи, а во голема мера зависи од регулирањето на истекот на реката Црн Дрим. Токму котите на езерскиот минимум и максимум регулирани со меѓудржавен договор помеѓу Македонија и Албанија пред половина век, според стручната јавност, придонесуваат за неповолната хидролошка состојба. Според нив истите треба да се ревидираат, односно да се направи нова пресметка на долната и горната граница на нивото на Охридското Езеро, бидејќи сегашните хидролошки услови се многу поразлични од тие кога бил склучен билатералниот договор.


Водата од Охридското Езеро која се испушта во реката Дрим се користи за производство на електрична енергија во Македонија и Албанија, со што на одреден начин тоа се третира како акумулација, иако е природно езеро.

OhridNews