НАСА објави сателитска снимка од Охридското и Преспанското Езеро направена на 19 август, истакнувајќи го значењето на двата природни водени еко системи, кои сателитот на НАСА ги сними во природна боја.
Охридското и Преспанското Езеро, две од најстарите езера во Европа, се наоѓаат во планинска област долж границите на Северна Македонија, Албанија и Грција. Езерата опстојуваат најмалку 1 милион години, а можеби и подолго. Охридското е поголемото и подлабоко од двете, со средна длабочина од 155 метри . Преспанското има средна длабочина од 14 метри.- објави НАСА.
Во објавата на вселенската агенција се посочува дека езерата ја должат својата долговечност на одржливата тектонска активност.
Тоа предизвикува земјиштето под нив да тоне, создавајќи грабени или ниски долини опкружени со раседи. Ова тековно тонење на долините го спречува создавањето на седименти и растителниот свет и претворање на езерата во мочуришта со текот на времето, како што се случува со повеќето езера по неколку илјади години. – велат од НАСА.
Повеќето од милионите езера во светот се стари помалку од 18.000 години и настанале кога глечерите се стопиле на крајот од последното ледено доба. Геолозите класифицираат само 30 езера, вклучувајќи ги Охридското и Преспанското, како „антички“ – дефинирани од некои истражувачи како опстојување на повеќе од еден циклус на ледено доба (најмалку 130.000 години).
Геолозите мислат дека околу 20 езера на Земјата, главно пронајдени во грабени, опстојуваат повеќе од 1 милион години.
Најголем дел од водата во Охридското Езеро доаѓа од подводни извори, но околу 20 проценти од неа се спушта од повисоката надморска височина од Преспа преку подземните карстни канали. Додека нивото на водата остана релативно стабилно на Охридското Езеро во последните децении, Преспанското доживеа значителен пад и во површината и во обемот. Во една неодамнешна студија, базирана на речиси четири децении набљудувања на сателитот Landsat, научниците објавија дека Преспанското Езеро изгубило 7 отсто од својата површина и половина од својот волумен помеѓу 1984 и 2020 година, најверојатно поради зголеменото повлекување вода за земјоделството. – објави НАСА.
Водите на Охридското Езеро со ниски хранливи материи и висока содржина на кислород поддржуваат повеќе од 1.200 видови растенија и животни, што му дава на езерото една од највисоките концентрации на биодиверзитет во светот.
Долговечноста на Охридското Езеро овозможи еволуција на 200 видови кои ги нема никаде на друго место, вклучувајќи необични полжави, патки и пастрмка. Езерото е светско наследство на УНЕСКО, а понекогаш се нарекува и европски Галапагос или музеј на живи фосили поради неговата извонредна биолошка разновидност. – стои во објавата.
Езерата не се единствените локални карактеристики значајни по нивната возраст. Охрид, најголемиот град на езерото, е една од најстарите човечки населби во Европа. Го има најстариот словенски манастир и повеќе од 800 икони во византиски стил создадени помеѓу 11 и 14 век, стои во објавата со сателитската фотографија на НАСА.
OhridNews












