
-Реализацијата на проектот ќе се спроведе во две фази и тоа: во првата фаза, оваа 2012 година планирано е да се оспособат и да се активираат кино-салите во центрите за култура во општините Куманово, Охрид, Струга, Прилеп, Крива Паланка, Неготино, Кочани и Делчево, а во втората фаза планирана за првата половина на идната 2013 година проектот ќе биде спроведен во центрите за култура во општините Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Струмица и Велес, информираа до Министерството за култура.
Оттаму додаваат дека промената на роковите за реализација на проектот е направен врз основа на податоците добиени од Европската Аудиовизуелна Обсерваторија, која на крајот од месец мај годинава, ги презентирала информациите за дигитализација на кино-салите, според кои веќе е јасно дека снимањето и кино прикажувањето на филмови на 35 мм филм е со помал обем и дека филмската продукција и дистрибуција се повеќе се преориентирани на дигитални медиуми.
-За овие податоци Министерството за култура и Филмскиот фонд на Македонија ја информираа Владата на Република Македонија, која донесе заклучок за превземање иницијативи и за воведување на дигитална кино-дистрибуција во кино салите во Центрите за култура. Со ова се потврдува фактот дека кино-прикажувачката дејност во Република Македонија ги следи светските трендови кон кои се стремат сите земји. Реализацијата на овој проект е од големо значење не само за развојот на кино мрежата низ земјата, туку и за најевтино и најбрзо ставање на филмот во дистрибуција, што е можност публиката во целата земја да ги погледне најновите домашни и светски филмски остварувања, потенцираа од министерството.











