По повод Светскиот ден на хуманоста, Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ од Австралија, денеска донира вредна помош во Геријатриското одделение при Oпштата болница во Охрид.

Донацијата од специјални душеци, машина за перење и уредување на дел од собите со ламинат, беше обезбедена со средства од членовите на ова охридско социјално друштво.

По барање на Геријатрија, ние дониравме 22 спeцијални душеци. Од мојата фамилија е донирана машина за перење, а во неколку простории поставен е ламинат. И во иднина ние ќе помагаме на изнемоштените на кои им е потребна помош за подолг и поудобен живот.“ – рече Васко Ангелоски, претседател на Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ од Мелбурн, Австралија.

Директорот на Општа болница Охрид, д-р Љубен Арнаудов, истакна дека донираните анти-декубитални душеци се важни за Геријатриското одделение во кое се сместени пациенти во тешка состојба.

Овие душеци се важни, бидејќи медицински превенираат отворање рани при лежење. Со друштвото имаме и планови за понатамошна соработка, во рамките на развој на Геријатриското одделение.“ – рече Арнаудов.

Тој истакна дека идните планови се во насока на проширување на Одделението за Геријатрија, кое во моментов е премало за да ги згрижи старите лица од градот и општините кои гравитираат спрема Охрид.

Имаме план и визија за понатака. Проектот е финансиски доста оптоварен, а нашиот план е да подигнеме уште еден спрат, бидејќи архитектонски таква можност постои. Иако го реновиравме одделението, условите тука се субстандардни. Во рамките на Министерството за здравство имаме проект и заеднички со локалната самоуправа и министерот, ќе успееме да го реализираме.“ – истакна Арнаудов.

Во името на општина Охрид и локалната самоуправа, донаторите ги поздрави заменик-градоначалникот Ангел Јанев.

Во името на градот сакам да се заблагодарам на оваа донација. Оваа не е прва, бидејќи тие постојано  хуманитарно се присутни во градот Охрид. За потсетување, дека Геријатриското одделение има потреба од помагање, од инфрастуктурно проширување, а локалната самоуправа прави напори во иднина да го реши тој проблем.“ – рече Јанев.

Директорот на Општа болница Охрид, Љубен Арнаудов, на членовите на Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ им врачи благодарници за донацијата, а настанот беше надополнет со настап на ансамблот „Билјана Јуниор“.

Инаку, ова хуманитарно здружение постои 31 година и веќе една деценија испраќа помош во Охрид и секаде каде што за тоа има потреба.

ОhridNews