На свеченост во Клубот на пратениците во Скопје, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов им врачи Повелби на Македонија на пет иселенички организации од дијаспората, меѓу кои и на Охридското социјално друштво „Свети Наум Охридски“ кое 32 години делува во Мелбурн, Австралија.
„Охридското социјално друштво Свети Наум Охридски од Мелбурн останува доследно на заветот на големиот лекар на душата и телото Свети Наум Охридски“, порача претседателот Иванов, кој упати апел до македонските иселенички организации да ја помогнат Македонија и македонскиот народ и во ова време на предизвици.
Повелбата ја прими Блаже Џиков, долгогодишен активист во Охридското друштво, кој речиси пет децении живее во Австралија.
„Ова беше најсреќниот ден во мојот живот. Многу сум горд што мене ми припадна задоволството да ја примам повелбата од претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, што е заслуга на голем број активисти од Охрид и охридскиот крај, меѓу кои посебно место имаат претседатлот Васко Ангеловски, Крсте Наумоски и голем број други членови. Од името на сите изјавувавм дека оваа повелба е потврда дека нашите хуманитарни активности и ангажмани за негување на македонскиот јазик, култура, традиции и идентитет се препознаени и вреднувани, за што сега имаме обврска и дополнителен мотив уште повеќе да се бориме за македонската кауза, во интерес на нашите сонародници во Австралија и особено за граѓаните на Охрид и Македонија“, изјави Џиков по добивањето на повелбата на Македонија, во рамките на проектот Македонија памети.
На церемонијата на врачувањето на повелбата беа присутни претставнивници од Охрид кои повеќе години имаат успешна соработка и го поддржуваат Охридското социјално друштво „Свети Наум Охридск“и од Мелбурн во реализирањето на неговата мисија за доброто на Македонија.
Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ од Мелбурн Австралија, повеќе три децении ги помага немоќните и социјално загрозените граѓани во Охрид и одржува силни врски со родниот крај. Минатата година ова здружение обезбедни донација за Геријатриското одделение во охридската болница. Според најавите во текот на престојниот летен период друштвото ќе организира пригоден ручек за пациентите oд ова одделение.
OhridNews