Охриѓанецот Антонио Вељаноски е еден од ретките македонски студенти, чија пасија кон филмското платно ја докажува како режисер и монтажер на најреномираниот Филмски и ТВ Факултет на Академијата за сценски уметности во Прага – “ФАМУ”. Иако охридската јавност не е доволно запознаена со овој македонски „надеж“, зад него веќе има 10-тина краткометражни филмови.
Ако се знае фактот дека ФАМУ претставува најреномирана филмска школа во Европа од која имаат изелено не само славни режисери, туку и „оскаровци“, тогаш иднината на филмската индустрија во земјава е загарантирана. Во моментов, Вељаноски работи на најновото документарно остварување, кое од идната недела започнува да се снима во Охрид.
„Во моментов работам на портрет за еден охридски поет. Во суштина, тој е познат и еминтентен автор, чиј квалитет е потврден со многубројни награди од целиот свет. Во процесот се вклучувам како режисер, сценарист и монтажер, а ќе работам со добра филмска екипа, со што квалитетот е загарантиран. Снимање започнува идната среда на повеќе локации во градот, односно во едно планинско место. Целокупниот процес на снимање и макотрпна работа на монтажа ќе трае околу две недели, а потоа следува месец дена макторпна работа.“ – вели Вељаноски.
За разлика од играните филмови, снимањето на „документарец“ претставува комплексен процес во кој е потребно да се поклопат повеќе параметри.
„Во играните филмови постојат параметри кои се веќе испланирани, додека во документарните не може да се предвиди се. Процест е доста мачен, бидејќи се снима во моментот, а личностите кои се јавуваат во филмот мора да се опуштат пред камера. Најдолгиот процес претставува самата монтажа, а големо време одзема компонирањето на целата приказна. Во оваа област до сега сум се испробал, бидејќи имам снимано репортажа за православни студенти во Прага кои го прославуваат Велигден.“ – додава Вељаноски.
Нашиот сограѓанин веќе две години студира на Катедрата за монтажа на ФАМУ, а неговата страст кон режисерството ја потврдува претходно, на едногодишната програма за режија на истиот факултет.
„Работам со доста љубов како монтажер, но имам тендеција и за режија. Во секој случај, монтажерот е доктор на филмот, со оглед на тоа што „лепењето“ кадри треба да добие соодветно значење. Филмот во суштина претставува тимска работа, а не дело на поединци. Монтажерот прави приказната навистина да функционира.“ – истакнува нашиот сограѓанин.
На неодамнешниот уметнички фестивал УФО, Вељаноски беше задолжен за селекцијата на филмови од студентите при “ФАМУ”.
„Прикажани беа повеќе кратки и еден долгометражен филм, односно најдобрите од нашата школа ФАМУ. Изборот го правев исклучиво по квалитет, а филмската програма беше избрана да биде апсолутно за сечиј вкус. Сите тие имаат квалитетна обработка на некаква визија, приказна или ситуација. Некои од нив се наградени и номинирани за студентски Оскар, додека дргуи имаа награди на филмскиот фестивал во Кан.“ – вели надежниот филмски режисер и монтажер.
Антонио живее и студира во Прага, град во кој уметноста и културата се на едно повисоко рамниште.
„Ако се земе фактот дека во Прага има преку 100 театри, тогаш самите можете да сфатите на какво ниво е културно-уметничката сцена во Чешка. Постојат 100-тици места каде секојдневно можете да сретнете некаква уметност. Има безброј кино-сали, различни проекции и фестивали преку целата година. Чесите во суштина се мирен и искрен народ, а на свој начин се конкретни и организирано педантни. Кога ќе влезете во трамвај, повеќето луѓе читаат книга, списание или научна литература, односно не го губат времето залудно.“ – потенцира Вељаноски.
Иако слободно време речиси и да нема со оглед на бројните студентски обврски, Вељаноски сепак повремено знае да одвои дел за прошетка по излетничките места ширум Чешка.
„Од кога почнав да студирам воопшто немам слободно време. Оваа професија бара максимална посветеност и макотрпна работа. Преку ден се предавањата, додека навечер ги пишувам сценаријата. Во суштина, прашкиот начин на живот е таков. За викенд, градот е полу-празен, а понеделнички сите подготвени со нова енергија. Кога би имал време, би возел велосипед и би ги прошетал европските земји. Имам љубов и кон гитарата, а долги години сум член на охридскиот панк бенд „Комунална Хигена.“ – вели Вељаноски.
Покрај снимањето на документар филм, во идниот период Вељаноски подготвува еден поголем проект за неговиот дипломски труд.
„Во декември оваа година ќе го снимам мојот дипломски филм. Моментално го пишувам сценариото, а процесот е прилично обемен. Се надевам дека откако ќе дипломирам, ќе продолжам на магистерски студии.“ – истакна идниот филмски режисер.
Тој им порачува на младите охриѓани да бидат повеќе креативни и да го исполнат слободното време со различни активности, подалеку од социјалните мрежи.
„Едноставно нека го избегнуваат седењето на компјутер и запознавањето преку социјалните мрежи. Повеќе внимание нека обратат на своите можности и преку различни активности нека ја докажат својата креативност, било спортска или уметничка.“ – завршува Вељаноски.
Оливер Трајчески