Мелодичниот звук на гајдите и силниот татнеж на тапаните кои ги изработува охриѓанецот Зоран Димоски, сеуште ја раскажуваат приказната за богатиот македонски фолклор и се цврсти докази за историјата и уникатноста на македонската изворна музика. Овој занаетчија е еден од ретките во Охридскиот регион но и во Македонија кој традицијата за изработка на ваквите автентични инструменти ја чува како вреден аманет од предците.
-Занаетот го научив од мојот татко Слободан, најпрвин му помагав, но подоцна начинот на изработка ме привлече и започнав сам да изработувам гајди и тапани. Откако татко ми поради староста одлучи да се откаже од занаетот, јас решив целосно да го преземам и да ја продолжам нашата фамилијарна традиција. Тој сепак сеуште ми помага по малку. Како што ми има раскажувано татко ми, тој занаетот го наследил од неговиот дедо кој исто така бил познат во овој крај како мајстор за изработка на гајди и тапани. Жалам што ниту еден од моите двајца синови не пројавува интерес за да го продолжи овој занает, раскажува Димоски, кој има потекло од охридското село Сирула каде што гајдата во минатото била еден од најупотребуваните музички инструменти.
Гајдата има охридски корени?
-Во литературата за музичката историја и за македонските традиционални инструменти имам сретнато податок дека гајдата како инструмент за прв пат во Македонија се споменува и се употребува во Охридскиот регион во селата Сирула и Вапила, а подоцна била однесена во прилепско од страна на некој охриѓанец, кој отишол како домазет во селото Долнени, кое е најпознато село во Македонија, каде што се свири гајда, раскажува нашиот соговорник, кој има широки музички познавања иако професионално не се занимава со музика.
Дека гајдата води потекло од охридско како доказ може да биде и податокот дека дрвото „Зеленика“ од кое се изработуваат неколку делови од инструментот, најмногу е распространето токму во охридско, на потегот над селото Љубаништа, а во помали количини го има кај Самоков на реката Треска.
-Гајдата е составена од неколку делови и тоа сурла или гајдарка, брчало, дувало и мев. За изработка на гајдата е потребно пред се кожа, дрво „зеленика“ и рог од говедео. Сега е малку потешко да се најде рог, а од кожа се употребува јагнешка или јарешка. Кожата најпрво треба да се штави, со брашно и сол, а дрвото најпрвин се суши, а потоа се обработува, објаснува Димоски, напоменувајќи дека гајдите ги изработува претежно по нарачка, а доколку му се подготвени сите материјали, една гајда може да биде завршена за околу една недела.
Тапаните повеќе се бараат
За разлика од гајдите, интересот за тапаните е нешто поголем и иститe најчесто ги бараат културно-уметничките друштва како и музички групи кои ја негуваат традицоналната македонска музика.
-За тапанот треба кожа од јаре и дрво од орев. Дрвото се витка и треба да отстои за да се исуши. Потоа се поставуваат обрачи и се шие кожата, која од едната страна на тапанот треба да биде подебела, а од другата страна потенка. Изработувам најразлични димензии на тапани, но сепак најчесто работам по порачка. Исто така соработувам со голем број тапанџии кои ги носат своите тапани на поправка, вели Димоски.
Тој вели дека цените на тапаните се формираат во зависност од големината и се движат од 2500 денари до 200 евра, додека пак цените на гајдите се движат од 100 до 150 евра.
Иселениците се најчести муштерии
За купување на гајди и тапани најмногу биле заинтересирани иселениците од Австралија и други странски земји, кои водат потеко од охридскиот крај.
-Во лето има поголема побарувачка кога доаѓаат иселениците и кога има повеќе странски туристи во Охрид, но во зима интересот е многу слаб. Имам редовна соработка со неколку културно уметнички друштва од Македонија за кои имам изработувано тапани и гајди. Исто така има и неколку српски културно-уметнички друштва од Ниш и Белград со кои имам воспоставено соработка и кои до сега во неколку наврати имаат направено нарачка на тапани. Исто така изработувам и мали тапани кои ги продавам како сувенири, вели Димоски.
Освен гајди и тапани, овој занаечија ги покажува своите уметнички способности и преку уникатни резби во дрво кои исто така ги работи по нарачка, а во последно време изработува и слики и икони на бакарна и алуминиумска подлога.
Е.М