Иво Петровски, 20 годишно момче од Охрид, има интересно хоби, игра со карти „Magic the gathering“, што ќе му овозможи да настапи на големиот меѓународен турнир „World magic cup“, што идниот месец ќе се одржи во Индијанаполис –САД.
-Оваа игра постои од 1993 година и е во постојан подем. Во Македонија стигнала во 1997 година. Се игра со специјални карти помеѓу двајца противници и е логичка игра, која бара многу вложување на труд, време и пари, изјави Петровски.
Играта е дел од Wizzards of the coast, на Hazzbro, најголем производител на забавни игри во светот. Најраспространета е во САД, во Европа помалку, а на Балканот ретки се луѓето кои ја играат на високо ниво. Еден од нив е охриѓанецот Иво Петровски, кој е дел од македонскиот тим составен од четворица играчи. Иво е најмлад од нив, а пласманот на светскиот куп го обезбеди благодарение на победата на квалификациониот турнир што на 30-ти јуни се одржа во Скопје. Тој професионално ја игра оваа игра година и пол.
-Минатата година на квалификациите завршив како трет, што беше исклучителен успех за мене, со оглед на тоа дека тогаш прв пат настапив на натпревар на кој учествуваат само професионални играчи, истакна Петровски.
Играта се игра со шпил специјални карти кои се собираат долго време со купување низ целиот свет, а еден добар шпил за игра може да достигне цена и до 1000 долари, додека ретки карти можат да достигнат колекционерска вредност и од 4000 долари за една карта. Иво го собрај својот шпил победувајќи на помали турнири и освојувајќи вредни карти.
-Оваа игра има и виртуелна, онлајн варијанта, но вистинскиот предизвик лежи во способноста да се прочита противникот очи во очи, вели Петровски. Во светот, додава Петровски, има и професионални играчи кои добиваат и до 3500 долари само за да се појават на турнири.
„World magic cup“, е најголем турнир, кој се одржува еднаш годишно, на кој учествуваат 70 тимови од цел свет, кои се борат за награден фонд од 300.000 долари. Овој турнир е дел од Gen Con – најголем глобален саем на друштвени игри. Настапот на овој турнир се обезбедува исклучиво преку квалификации, а од една држава може да учествува само еден тим. Организаторот на турнирот ги покрива трошоците за пат и сместување во периодот од 17-19 август која во Индијанаполис се одржува најголемиот светски турнир со „magic“ карти.
Горан Момироски
Петар Симјаноски
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com