Поради постоење основи на сомнение за сторено дело согласно законот за прекршоци против јавниот ред и мир, СВР Охрид поднесе барање за поведување прекршочна постапка против 44- годишен охриѓанец.

– На петти овој месец, пријавениот на јавно место извршил нарушување на јавниот ред и мир со вербален напад, омаловажување и навредување на полициски службеници кои во моментот извршувале службени задачи од областа на безбедноста.Настанот се случил во 11 часот и 30 минути на крстосницата на булеварот „Туристичка“ со улицата „Распаќе“ во Охрид каде полициските службеници вршеле контрола во патниот сообраќај. Притоа, без да биде запрен и по ниту еден друг повод, пријавениот го сопрел својот патнички автомобил марка „Ауди А-6“ и преку отворениот прозор на силен глас и видно револтиран започнал да ги навредува полициските службеници упатувајќи им низа омаловажувачки и непристојни зборови. Потоа со голема брзина го напуштил местото на настанот, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Сега пријавениот е повикан во СВР Охрид и со него е извршен разговор за околностите и причините за стореното омаловажување на  државен орган, односно омаловажување и навредување на службено лице на државен  орган  или друга  институција  која  врши јавни  овластувања  во вршење    на службата.

OhridNews