Дарувањето крв е големо духовно исполнување, тоа е слично како да отстапуваш дел себе и тогаш се чувствуваш дека можеш да полеташ. Вака нашиот сограѓанин, Димитар Свилар (64), кој е рекордер по дарување на крв во Охрид, го опишува мотивот да се биде крводарител. Со својата несебичност и хуманост тој до сега подарил 178 единици од оваа скапоцена течност, со што се вбројува помеѓу најпродуктивните крводарители во Република Македонија.

Овој исклучително скромен човек, кој професионално се занимава со пекарство, вели дека иако не знае колку животи спасил до сега, важно му е да знае дека сигурно помогнал некому.

-Чувството дека си направил нешто и со тоа си помогнал некому ме исполнува и затоа сакам да дарувам крв. Но покрај духовната придобивка, дарувањето крв позитивно влијае и на здравјето, тоа е еден  вид прочистување на организмот, како едно обновување. Кога ќе дадеш крв се чувствуваш полесен, како со повеќе енергија и поголем апетит, вели Свилар, кој инаку потекнува од Суботица, Војводина, но повеќе од 35 години живее во Охрид.

Тој раскажува дека прв пат дарувал крв уште кога бил малолетен, а редовен крводарител станал од 1968 година.

– Иако според правилата се препорачува да се дарува крв еднаш на три месеци, јас многу пати не сум го почитувал тоа, па  имало случаи кога сум давал крв  и на еден месец но и на 15 дена.  Еднаш дури се случи во рок од еден месец  да дадам крв дури три пати, а целта ми беше да видам дали организмот ќе може тоа  го поднесе и верувајте немаше последици, вели Свилар.

Тој изрази жалење што поради возраста  повеќе не може да биде редовен дарител иако сеуште се чувствува здрав.

Од Охридскиот Црвен крст велат дека примерот на Свилар започнале да го следат многу хумани охриѓани, па од година во година крводарителството во Охрид расте и по бројот на собрани единици крв и по бројот на крводарителни акции што тука се организираат.

– Најпродуктивните крводарители во охридско се на возраст од 35 до 45 години, но границата се спушта се подолу и подолу, а во последните неколку години значително се зголемува бројот на млади крводарители и оние кои даруваат по прв пат. Машкиот пол е многу позастапен помеѓу крводарителите, па речиси околу  80 проценти од крводарителите во Охрид се мажи, вели Сашо Точков, претседател на Црвениот крст од Охрид. Оваа организација денеска со пригодна свеченост ќе го обележи Денот на крводарителството во Македонија, кој се празнува на 17-ти март.

Точков изрази жалење, што државата не знае доволно да ги цени крводарителите и дека поради тоа годинава се јавиле првите  проблеми.

-Во последно време се соочуваме со проблеми од страна на нашите партнери, поточно Министертвото за здравство сеуште ја нема исполнето својата обврска за покривање на трошоците за организирање на крводарителните акции и нивната реализација. За второто полугодие од минатата година министерството ги нема подмирено своите обврски кон Црвениот Крст на Република Македонија во износ од 5 милиони денари, средства кои ни се многу потребни за нормално функционирање, вели Точков.

Тој упати апел до надлежните во министертвото да сторат напори и да ги исплатат тие средства, зошто во тоа во спротивно нема да има услови за организирање на  редовни крводарителни акции.

Е.М