Поранешен началник на секторот за логистика при Министерството за одбрана, охриѓанец, е уапсен во акцијата на министерството за внатрешни работи „Арсенал“ за финансиски малверзации со сервисирањето на шест хеликоптери на Министерството за одбрана.
Охриѓанецот кој е осуден во аферите „Армиско оружје“ и „Тенковски делови“, заедно со уште осум лица, бизнисмени од 2004 до 2009 година прикажувале нереално зголемена вредност на услуги за сервисирањето на хеликоптерите. Основале фирми во земјава и во странство, во Кипар, Велика Британија и Бугарија, каде што ги префрлале украдените пари, па така надлежните институции немале увид во работењето на фирмите. Го платиле сервисирањето на укрианската фирма, но освен оваа сума преку прикажување на фиктивни фактури , голем дел од парите коишто биле одвоени од министерството, ги префрлиле на сметките на фирмите што ги основале во Македонија и во странство.
Иако криминалот се случувал пред десет години, а осомничените досега не се гонети за ова кривично дело, од Министерството за внатрешни работи велат дека случајот го работеле подолг период наназад.
– МВР подолг период наназад работеше на документирање на ова дело и кога ги завршивме нашите активности и проверките кои требаше да бидат направени со Јавното обвинителство утрово беше реализирана акцијата“ изјави помошник министерот на МВР, Иво Котевски.
Охриѓанецот за аферата „Армиско оружје“ е осуден на три и пол години затвор .Апелациониот суд го врати предметот на повторно судење и се уште е отворен. За „тенковските дело“, случај во којшто беше осуден поранешниот министер за одбрана, Владо Бучковски, лицето од Охрид е осудено на условна казна.
OhridNews
извор Макфакс