Натчовечки напори да се спречи нуклеарна катастрофа
Во североистокот на земјата, кој е најпогоден во катастрофата, сеуште се трага по преживеани. Бројот на загинати секојдневно се зголемува и достигна 7.197 лица, додека според официјалните податоци на јапонските власти уште 10.095 луѓе се водат за исчезнати. Погодените подрачја покрај со студ се соочуваат и со недостиг на храна и вода. Областите во близина на оштетените нуклеарни централи од кои зрачи радијација се целосно евакуирани, а опасноста од невидливите смртоносни зраци принуди голем број странци да ја напуштат Јапонија. Но, не сите си заминаа од земјата на изгрејсонцето. Меѓу тие кои останаа и ги преживува тешките моменти со јапонскиот народ е и охриѓанецот Адријан Битрак. Тој е во Токио каде го затекна силниот земјотрес. Вели дека состојбата е драматична, но јапонците многу совесно и достоинствено се справуваат со проблемите.
-Надлежните пронајдоа траги од мала радијација во млеко и спанаќ во радиус од 30 км од нуклеарната централа и стопирана е продажбата на продукти од фармите во ова подрачје. Експертите смируваат дека дури и консумирањето на овие продукти не е штетно по здравјето на луѓето, затоа што се работи за многу ниско ниво на радијација, но поради предострожност воведена е делумна забрана, вели Адријан Битрак.
Не го напушти Токио – Адријан Битрак
Последиците од земјотресот ги чувствува и престолнината Токио. Поради рестрикции навечер се гасат светлечките реклами и се исклучува уличното осветлување, но тоа не ги обесхрабрува јапонците, додава Битрак.
– Се чувствува доза на напнатост, но Јапонија е силна држава и не се остава ништо на случајност. Работите се средуваат бавно и тешко, но се средуваат. Паника имаше само кај странците. Многу Американци, Германци, Французи, Кинези….ја напуштија Јапонија. Но, тоа не го намалува моралот на нацијата која организирано се справува со последиците од природната катастрофа, вели Битрак.
Рестрикции во Токио
Во погодените подрачја на безбедни локации Јапонија започна да гради 8800 привремени живеалишта, кои се очекува да бидат готови за 10 дена. Се расчистуваат урнатините, се поправаат штетите. Јапонија повторно преживува тешки моменти, но нема сомнеж дека Земјата на изгрејсонцето ќе ја надмине оваа несреќа која предизвика длабоки лузни кои можеби никогаш целосно нема да зараснат.