Несомнено дека нашиот сограѓанин Антонио Ристески е еден од најголемите музички таленти од Охрид, кои изминатиов период со своите уникатни изведби го привлече вниманието кај македонската јавност. 22-годишниот охриѓанец кој е апсолвент на џез-контрабас на Универзитетот во Штип, неоддамна го промовира својот најнов видео-запис за песната „Balkan funk“ од босанските Дубиоза Колектив. Автентично за него е тоа што истовремено свири на гитара, тапани, усна хармоника, казу и бас-гитара. Досега има настапено на повеќе фестивали и манифестации ширум земјава, а повеќе за неговиот проект „Само Тони“ и плановите за во иднина можете да дознаете низ интервјутo во прилог.
OhridNews: Ристески, важите за еден од најголемите промотери на „One Man“ бендовите во земјава. Од каде идеата токму за еден ваков проект?
А.Р.: Пред се би го потенцирал тоа што никогаш не сум очекувал малку од себе и секогаш сум гледал да го извлечам максималното од тоа што го поседувам. Така и испадна проектот “Само Тони” – One Man Band. Бескрајната стрпливост, одлучност, малку талент и многу многу вежбање ме донесе до стадиум каде почнав истовремено да можам да свирам повеќе инструменти.
OhridNews: Покрај контрабасот по кој си претпознатлив, кои други музички инструменти се вметнати во проектот “Само Тони”?
А.Р.: Свирам гитара, бас гитара, укулеле, усна хармоника, казу, тапани и рачно изработен шеќер со трзалица. Но постојано гледам да се надградам со уште некој нов инструмент кој би можел да го вметнам во проектот “Само Тони”.
OhridNews: Последниот видео-запис за песната “Balkan Funk” од Дубиоза Колектив беше позитивно прифатена од пошироката јавност. Дали тие позитивни критики кои стигнаа на ваша адреса претставуваа поттик повеќе за понатака?
А.Р.:Кога гледаш дека тоа што го работиш јавноста го прифаќа со огромна заинтересираност, ти дава мотив и желба уште повеќе да се надградуваш и усовршуваш. Со објавувањето на видео-записот на “Balkan Funk” наидов на голема подршка од многу портали низ Македонија, но и од самиот бенд Дубиоза Колектив. Беа позитивно изненадени за начинот на кој ја обработив нивната песна и ја објавија на нивната „Фејсбук“ страна.
OhridNews: Беше дел од повеќе фестивали меѓу кои и “Т’k Так” во Кавадарци, “Виноскоп” во Скопје, како и трунеа низ цела Македонија преку “Баскерфест“. Колку често настапуваш низ клубовите во земјава?
А.Р.:Поради тоа што веќе петта година живеам и работам во Штип, штипјани секоја недела можат да присуствуваат на моите настапи во “Piano Bar”. Често настапувам и во други градови, каде кога свирам за прв пат наидувам на добра критика и поддршка од публиката за тоа што го работам.
OhridNews: Моментално работиш на проектот “Само Тони и Две Жени”. За што всушност станува збор?
А.Р.: Станува збор за истиот проект како “Само Тони”, во придружба со уште две прекрасни вокалки : Марија Докузова и Христина Стојанова. После настапот на T’к Так во Кавадарци каде двете настапија како придружни вокали за изведба на моја авторска музика, дојдов до идеа да го направам бендот “Само Тони и Две Жени”. Веќе работиме на заедничка преработка, односно микс од повеќе песни во една, па се надеваме ќе имате можност за брзо да слушнете за што станува збор.
OhridNews: Зад твоето портфолио стои дека си апсолвент на џез контрабас на државниот универзитет во Штип. Како понатака на професионално поле?
А.Р.: Во тек ми е спремањето на дипломскиот труд кој треба да го завршам до крајот на оваа година. Потоа би сакал да го продолжам моето школување на некој од реномираните универзитети надвор од земјава.
OhridNews: Конкретни планови за во иднина…што можат да очекуваат фановите во периодот кој престои?
А.Р.: Веќе сум во изработка на авторски материјал со кој би сакал да се претставам на македонската јавност. Веќе сум во преговори за настап на повеќе фестивали, во и надвор од земјава и се надевам дека ќе бидам добро прифатен како и на сите мои настапи досега.
OhridNews: Порака до читателите!
А.Р.: Не очекувајте малку од себе. Микеланџело рекол дека не се опасни превисоките цели што можеби нема да ги остварите, туку се опасни прениските, што сигурно ќе ги остварите. Бескрајната стрпливост и упорноста секогаш даваат непосредни резултати!
О.Т.