Поранешниот играч на ракометниот клуб Охрид и еден од тренерите во стручниот штаб во женскиот ракометен клуб Лихнид, Атанас Поп-Стефанија пет дена од 6 до 11 јуни ќе биде дел од работилницата за млади тренери која ќе се одржи во Полска во организација на Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Оваа информација во јавноста ја лиферуваше претседателот на тренерското здружение во Македонија и поранешниот предводник на националниот состав, Гино Стрезовски на седницата од Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
Охриѓанецот кој остави силен впечаток на семинарот во Дојран ќе биде единствен македонски преставник на тренерската работилница во Полска, каде учесници ќе имаат 14 земји членки во ЕХФ.
– Изборот на Здружението на ракометни тренери и РФМ, јас да учествувам на семинарот за млади ракометни тренери во Полска за мене претставува голема чест и им благодарам за укажаната шанса и доверба. Семинарот кој е во организација на ЕХФ ќе биде одлична прилика да се надоградам во различни ракометни и тренерски аспекти. Се надевам дека потоа ќе имам можност и ќе успеам да ги пренесам дел од тие искуства, знаење и вештини во развојот на ракометот пред се локално во Охрид, а со тоа и во Македонија. – изјави за Ohrid News, Атанас Поп-Стефанија.
Мх.П.