Фамилијата Мишеви е една од најстарите која повеќе од половина век ја негува оваа занаетчиска струка во охридската чаршија. Во дуќанот кој од неодамна се наоѓа во ТЦ „АМАМ“, најмладиот наследеник на овој занает е 36-годишниот Даме Мишев, кој претставува третата генерација бербери од ова семејство.
„Моите почетоци се на неполни 16 години. Првата генерација бербери од Мишеви е мојот дедо, кој бил машки и женски фризер. Јас преку мојот покоен татко го наследив машкиот „фризерај“, додека женскиот го продолжи стрина ми која до денеска работи во охридската чаршија. Нормално, секој почеток е тежок. Најпрвин во дуќанот се почнува како чирак или калфа со најосновното. Со тек на време и скенирање на работата на мајсторот, почнуваш да учиш. Потребно е големо трпение и волја, а со стекнувањето искуство се создава поголема љубов кон занаетот и работата во целост.“ – вели охриѓанецот Даме Мишев.
Услугите кои ги нудат охридските бербери се карактеристичните потстрижување, бричење и миење на глава. Но она што е уникатно во дуќанот на овој охридски мајстор и кое е дирекнто поврзано со традиционалното минато, претставува бесплатното „муабет-кафе“ наменето за муштериите.
„Кафето го нудиме како внимание за муштериите, но и за разговор. На еден начин, тоа претставува директен спој со традицијата која ја применувале старите мајстори. Тоа е разликата со вредностите кои ги нуди западниот свет. Тука муштериите доаѓаат на муабет, а имаме телевизор и радио за да можеме да сме во тек со најновите занимливости од спортот и културата.“ – истакнува Мишев.
Во глобала, стилот на работа на охридските бербери е класичен, односно традиционално наследен од старите мајстори. Но како што потенцира Мишев, секое време си носи oпределена доза измени која подразбира прилагодување кон потребите на муштериите.
„Нормално дека има измени во техничка и практична смисла. Самата работа и побарувачка те учат да ја менуваш техниката и да се прилагодиш на новото време. Иако во глобала фризурите се класични со по некое освежување, сепак секое време си носи некој свој стил. Како пример ќе ја потенцирам онаа револуција која ја направи англискиот фудбалер Дејвид Бекам, со специфичниот изглед на неговата фризура.“ – потенцира Мишев.
Некогаш побарувачката за берберските услуги во Охрид била поголема, но и денеска интересот е доста голем, особено кај странските туристи во летниот период. Како што истакнува Мишев, долгорочен проблем за занаетчиите претставува дефицитот на ученици кои го изучуваат овој занает, а решение за истиот гледа во помошта од локалната самоуправа и последниот потпишан Меморандум за соработка помеѓу Регионалната занаетчиска комора Охрид, ЗК и охридските средни училишта.
„Ние сме задоволни од побарувачката на граѓаните. Долгогодишно работиме и имаме изградено солиден имиџ, бидејќи сме меѓу ретките во земјава со долга традиција. Во летниот период сме доста интересни за туристите од западно-европските земји, кои се воодушевени од занаетите кои опстојуваат во земјава. Точно е дека на пазарот на трудот има дефицит од обучен кадар. Но тоа не е отсега, туку проблем во последниве 10-тина години. Се надевам дека со тек на време и со помош на Регионалната занаетчиска комора, односно градоначалникот кој дава јасни сигнали дека ќе помогне на занаетчиите, овој проблем ќе се реши. Затоа во целост го поддржуваме Меморандумот кој според мене ќе даде долгорочни резултати.“ – додава Мишев.
Инаку со последниот потпишан Меморандум за разбирање и соработка помеѓу Занатчиската комора на Македонија, Регионалната занаетчиска комора – Охрид и директорите на охридските средни училишта, во новата учебна година учениците ќе имаат можност практичниот дел од наставата да го остварат кај занатечиите. Како што претходно изјави претседателот на РЗК Охрид, Сашо Богоески, од наредната учебна година 2014/2015, Регионалната занаетчиска комора до локалната самоуправа ќе иницира отворање на уште две занатчиски паралелки и тоа, фризерско-берберска и текстилна.