Васко Дуковски, македонскиот кларинет-виртуоз, кој претходната година ја заврши со многубројни концерти низ САД, 2012-та ја започна со нешто уште поинтересно и спектакуларно. На 10 јануари заедно со ансамблот Fire, квартетот “Momenta”, сопранот Jiang Fang- Tao и тенорот Laurence Broderick беше дел од настан кој привлече многу внимание од публиката во САД. Се работи за новата револуционерна опера на познатиот американски композитор со кинеско потекло Хуанг Руо (Huang Ruo), “Dr. Sun Yat-sen” која неодамна ја доби својата светска премиера со четири настапи во Кина во централниот театар за уметности во Хонг Конг и уште неколку негови дела. Концертот кој се одржа во најпознатото мултимедиа арт кабаре “Le Poisson Rouge” (Црвената риба) во Њујорк беше снимен и пренесуван од најпознатото радио за класична музика во Њујорк, WQXR и беше објавен во New York  Times и Times out New York.

Интересно е тоа што после премиерата, оваа опера предизвикала конфликт во Кина и била забранета за изведување , најверојатно поради нејзината содржина која зборува за Dr. Sun Yet-sen, таткото на модерна Кина, кој во најбурниот период на Ксинтаи  револуцијата ја соборил последната кинеска империска династија. Но оваа опера покрај тоа што во себе има револуционерни моменти, има и разновиден звучен свет кој вреди да се слушне. Opera Magazine UK за тоа пишува : “ Во неговата прва опера, Хуанг Руо бара да се развие синтезата на Кинеските и Западните елементи, откриени во неговата претходна работа. Неговата цел не е само да ги соедини елементите на овие култури, туку да постигне една органска целина што со неговата способност да компонира за оперски гласови од Западен стил да пеат на Мандарински јазик, тој успеал. Неговите вокални линии очигледно не се под влијание на традиционалната кинеска опера, туку се инспирирани од локалното кантонско наративно пеење специфично за Хонг Конг”. Васко Дуковски, покрај оваа, претходно има оставрено и други  соработки со композиторот Хуанг Руо. Има изведено неколку светски премиери на дела од Руо од кои некои се напишани за Дуковски и има снимено музика за негов албум кој е издаден од најпознатата издавачка куќа за класична музика во светот, NAXOS.

Васко Дуковски е охриѓанец по потекло. Тој речиси две децении професионално се занимава со музика и еден е од двајцата Македонци кои дипломираа и магистрираа на престижната Академија Џулијард , заедно со неколку врвни музичари од различни земји во светот. Неодамна тој издаде нов музички албум во Њујорк, насловен како “ Critical Models“.

OhridNews