Откако минатата година успешно ја заокружи со „365 Photo project“, охриѓанецот Јане Наумоски со несмален интензитет продолжува да работи на своите креативни идеји. За едни познат по признанието за најдобар фото-блог за 2013 година, додека за други како страствен вљубеник во фотографијата. Овојпат, нашиот сограѓанин во соработка со Ерина Богоева, се одлучи на љубителите на мрачните уметнички теми дa им приреди натпревар, на кој креативните умови од земјава ќе имаат можност да се докажат како мајстори на хорор уметноста.
OhridNews: Што всушност претставува Sinister Days и од каде идеата за еден ваков креативен предизвик?
Ј.Н.: Зачетокот на идејата за Sinister Days е во проектот „365“ којшто го реализирав во текот на минатата година. Со оглед на тоа што овој проект го презентирав на англиски јазик, во пресрет на Halloween решив да објавам неколку фотографии со морничава содржина. Всушност, жанрот хорор е еден од моите омилени жанрови, па Halloween ми послужи како повод, да создадам нешто „страшно“. Интересно ми беше што за првпат, наместо консумент, бев креатор на дела од овој жанр – односно, бев оној што плаши, наместо оној што се плаши. Но, во ланските „Злокобни денови“ не вложив онолку креативна енергија колку што сакав и колку што имав. И ми остана желбата да поттикнам нешто поголемо и посериозно посветено на жанрот хорор. Така, годинава, со Ерина Богоева го организиравме натпреварот Sinister Days – еден креативен предизвик за сите љубители на морничавите теми во уметноста.
OhridNews: Кој се’ може да учествува на овој натпревар и какви се очекувањата од истиот?
Ј.Н.: На натпреварот можат да учествуваат сите креативци, сите они коишто имаат желба и идеја да создадат нешто со хорор мотиви. Натпреварот ќе трае три недели – од 13 до 31 октомври – во текот на кои, секој учесник на [email protected] може да испрати неограничен број фотографии, цртежи, видеа, раскази, песни… Очекуваме голем број и одлични трудови. Македонија има многу и многу креативни луѓе, па невозможно е да не го очекуваме најдоброто.
OhridNews: Што е она што ги привлекува фотографите кон мрачните уметнички теми, со оглед на тоа што и во проектот„365 photo project“ беа застапени дела со „хорор“ мотиви?
Ј. Н.: Мене хоророт ми е интересен како жанр и ми се чини нормално тоа да го пренесам во својата работа, да се обидам да создадам нешто во таа категорија. Играта со светло, со шминка, со облека, со Фотошоп, посетата на напуштени места… сето тоа е привлечно за многу фотографи. Улога игра и потребата за разноликост во темите на фотографиите, за испробување на сопствените вештини на нови теми, за поместување на границите на сопствената креативност. Предизвик е да се направи нешто морничаво само со една фотографија бидејќи во фотографијата нема движење и звук.
OhridNews: „Стравот од темнината“ многупати бил инспирација и за мајсторите на филмското платно. Каква е поврзаноста помеѓу хоророт, уметноста и фотографиите воопшто?
Ј.Н.: Како и секој жанр, хоророт го исправа уметникот пред специфични предизвици. Оние што творат во овој жанр, ни откриваат што сè крие темнината, фрлаат светло врз она што нè плаши. Некогаш тоа го прават истражувајќи што и зошто нè плаши, дури и како обид за соочување со нашите стравови; некогаш, таа уметност е заради уметност, а некогаш во прашање е, едноставно, забава. Овој жанр дозволува и голема креативна слобода, имагинативност. На пример, „страшните“ приказни често имаат фантастични елементи, зборуваат за нешта што не ги гледаме зашто не постојат, и голем предизвик е на тие нешта да им се даде лик, форма.
OhridNews: Соработувате со млади и талентирани фотографи, но и со уметници од земјава чие време допрва претстои. Не’ очекува ли „светла“ иднина на полето на уметноста?
Ј.Н.: Имаме многу талентирани уметници во земјава. Некои од нив се докажани дури и во светски рамки, а за многумина допрва ќе се слуша и кај нас и во светот. Тоа ми беше една причина повеќе за да почнам со работа на блогот – промоција на наши уметници (секако, првичната идеја се однесуваше на фотографи, но веќе ја ширам и кон други креативци). Многу ми е мило што постои расположение и волја за соработка и дружење.
OhridNews: Освен „блогирањето“, пасијата кон фотографијата и графичкиот дизајн, дали после „Sinister Days“ планирате активно да се вклучите во уште некој сличен проект?
Ј.Н.: Дефинитивно! Веќе имам некои планови за нови проекти, а следната година сакам да организирам повеќе креативни предизвици. Се надевам дека бројката на учесници ќе расте од еден предизвик до друг.
OhridNews: Нешто за крај за „хорор-уметноста“?
Ј.Н.: Интересна е нашата врска со уметничките дела од жанрот хорор: не само што не го одвраќаме погледот од слики и зборови што ни предизвикуваат страв, туку и своеволно се изложуваме на такви слики и зборови. Овие дела, приказните што ни ги раскажуваат, имаат потенцијал, во безбедноста на сопствениот дом и во удобноста на топол кауч, мисловно и емотивно да нè одведат во застрашувачка авантура.
О.Т.