Охриѓанецот м-р Горан Китевски, поднесе независна кандидатура за градоначалник на Охрид и согласно законските прописи треба да собере потписи за да може да влезе во трката за прв човек на градот.
М-р Горан Китевски е роден на 9.1.1988 година во Охрид. Основното и средното гимназиско образование ги завршил во родниот град Охрид, а во 2006/2007 година се запишал на студии на наставната насока на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет. Дипломирал на 5.10.2010 година со дипломски наслов „Американската надворешна политика“.
Во 2011 година се запишал на последипломските студии на Институтот за географија. Магистрирал на 3.7.2012 година, бранејќи ја магистерската работа под наслов “Географски аспекти на геополитичките проблеми и процеси на XX и XXI век“ Од 2012 година е вработен на Институтот за географија при ПМФ во Скопје како асистент. Негово потесно поле на интерес е политичката географија и геополитиката. Активно партиципирал на повеќе научни конференции од меѓународен карактер. Бил организатор на пет научни трибини. Има објавено вкупно 17 научни трудови, од кои 10 се објавени во меѓународни списанија и зборници. Коавтор е на учебникот „Аграрот во функција на туризмот“ објавен во 2014 година.
Рокот за собирање потписи почна на 21 август и ќе трае до 4 септември во 24 часот.
OhridNews












