Младиот охриѓанец Боби Мојсоски ја освои наградата за најдобра вокална интерпретација на јубилејното 20-то издание на фестивалот „Дискавери“, кој се одржа минатиот викенд во Варна, Бугарија, јавува веб порталот Македонска музичка мрежа – mmm.com.mk.


На фестивалот Боби во живо ја изведе својата песна „Те краде тој“, со која се претстави на фестивалот „Скопје 2011“. Автори на композицијата со која Боби го освои третото место во категоријата најдобра песна се Лазар Цветкоски и Огнен Неделковски.

– Пресреќен сум што моето прво искуство на интернационален фестивал надвор од Македонија го крунисав со наградата која најмногу му значи на секој пејач – за интерпретација. Мислам дека заедно со Јоце Панов, кој го освои првото место во категоријата најдобра песна одлично ја претставивме Македонија – вели Боби.


Учеството на фестивалот тој го искористи и за остварување нови контакти за можни соработки со некои од учесниците и композиторите од 15-те земји присутни на фестивалот како Италија, Малта, Романија, Русија, Мексико, Украина и Малезија.

OhridNews
извор: mmm.com.mk