Еден од виновници за продолжување на децениската традиција на македонската фолклорна песна, охридскиот естраден уметник Петар Нечовски, изминативе 33 дена настапи во неколку градови во Австралија, како дел од прекуокеанската летна турнеjа 2014 година.
Нашиот сограѓанин забавуваше илјадници Македонци во Перт, заливскиот град Мандурах и добро познатиот Мелбурн, стекнувајќи се со специјална благодарница за организирање хуманитарен концерт, чии средства се наменети за лекување на болни деца на кои им е неопходна помош.
„Точно 33 дена гостував на австралискиот континент. На 30-ти мај имавме концерт во Перт, Западна Австралија, во организација на МПЦ и црковната општина „Св. Никола“ која е во изградба. Настапот се реализира во клубот „Илинден“, во една прекрасна сала. Имаше повеќе од 350 посетители кои уживаа во македонскиот фолклорен мелос. Следната недела организиравме уште еден голем концерт во социјалниот клуб „Вардар“, а нашинците имаа можност да уживаат во прекрасна атмосфера и да се чувствуваат како да се во Македонија. Исто така, од реализираните концерти се собраа доста средства за црквата, која како што напоменав, се уште е во изградба и треба да ги задоволи потребите на нашинците во Австралија.“ – вели Нечовски.
Охридскиот пејач настапи и во заливскиот град Мандурах, познат по резиденциите на австралиските спортски и естрадни ѕвезди.
„Тоа место потсеќа на Мајами од Флорида. Беше една приватна забава со околу 40-тина македонски бизнисмени, кои имаат сопствени бизниси во Австралија. Во суштина тоа беше бизнис-вечера на еден прекрасен брод, кој се движеше низ каналите во градот.“ – истакнува охридскиот пејач.
На 28-ми минатиот месец, Нечовски настапи како специјален гостин од земјава на манифестацијата „Охридски бал“ во Мелбурн, а турнеjата ја заврши со организирање на хуманитарен концерт.
„Охридски бал беше организиран на високо ниво и можам да се пофалам дека настапив пред повеќе од 400 луѓе. На 29-ти направив хуманитарен концерт во еден ресторан во Мелбурн, чии средства ги донирав за неколку болни дечиња на кои им е неопходна помош. Сакам да се заблагодарам на две имиња, а тоа се Димче Крлевски и Васко Ангелоски со своите фамилии.“ – потенцира Нечовски.
Во летниот период Нечовски ќе настапи на фестивалот „Охрид фест“, односно на „Пирин фолк фест“ во соседна Бугарија.
„За Охрид фест имам една нова песна, а аранжманот го спремам со една стара охридска екипа, Енвер Рашити и Јовица Карајлиески. Исто така, тука е и настапот на „Прин фолк фест“, каде што лани го зедов второто место. За септември месец, очекувам да се најдам на листата на пејачи на „Вландово Фест“.“ – вели Нечовски.
Изминативе денови, нашиот сограѓанин издаде и ново цд, кое содржи 18 музички записи.
„Покрај познатите фолк хитови како Жолто фустанче, на ова издание се наоѓаат песни кои сум ги правел за моја душа и не сум ги употребил никаде.“ – завршува Нечовски.
Инаку, во 2013 година Нечовски го одбележа својот 35 годишен творечки опус, односно 100-тиот фестивалски настап во земјава и ширум светот.
О.Т.