– Сосема случајно гледајќи телевизија од реклама видов дека бараат медицински персонал за болницата „Аспетар“ за ортопедија и спортска медицина – ја започна својата приказна охриѓанецот Стефчо Петан и додаде – Прво аплицирав, а потоа успешно го поминав тестирањето во Букурешт и следуваше договорот за работа, кој без расмилување го прифатив.

– За да се стигнe тука не е ни воопшто лесно и нема случајност. Во Катар бараат знаење и познавање на спортската медицина и искуство, а кога ќе го имаш сето ова тогаш станува лесно. Болницата „Аспетар“ со ангажманот на доктори од целиот свет има за цел да стане водечка клиника во спортска медицина во светот – рече Петан.

Работното место на физиотерапевтот Петан е во националната селекција на Катар во футсал, а за условите според него е излишно да се зборува – Физиотерапевтот има многу поголема одговорност отколку во македонските болници. Тука ние ги правиме сите анализи, даваме дијагнози и правиме целосен третман за рехабилитација. Во болниците во Македонија физиотерапевтите ги следат само инструкциите од докторот – потенцираше физитиорепевтот Петан.
Следната година Катар ќе биде домаќин на ракометниот мундијал, а во 2022 година на едно место ќе ги собере фудбалските супер ѕвезди.
– Условите за спорт и негов развој се граничат со фантазија. Нив најмногу им лежи фудбалот и живот даваат за него. Ангажираат менаџери, фудбалери и ги интересира се што е поврзано за фудбалот. Секоја екипа која ќе дојде во Доха на подготовки секогаш има на располагање три терени, доктор, физиотерапевт па дури и тренери за кондиција, за голмани и за многу други работи – посочи Петан.
Доха е честа дестинација за зимски подготовки на елитните фудбалски клубови како што се Реал Мадрид, ПСЖ, Баерн Минхен, Барселона, Арсенал и Манчестер Јунајтед. Доаѓањето на овие фудбалски екипи во Катар, а и одржувањето на тенискиот АТП турнир каде победи Рафаел Надал беше одлична можност Стефчо Петан одблизу да ги запознае големите спортски ѕвезди.
– Тие се редовни тука во Катар и клиенти во нашата болница и прават детални прегледи од „глава до пети“. Тие се сосема обични кога ќе дојдат тука иако се ѕвезди во светски рамки. Најмногу впечаток ми остави Златан Ибрахимовиќ, кој навистина е многу фина личност иако неговата ароганција е видлива на теренот. Се одиграа неколку пријателски средби на кои јас присуствав како гледач, но за издвојување е средбата Реал Мадрид – ПСЖ и финалниот натпревар на тенискиот АТП турнир меѓу Надал – Ѓоковиќ, кој во драматична завршница му припадна на шпанскиот ас – ја заврши својата успешна приказна Петан.
Михаил Постоловски













