Охриѓанецот Антонио Вељаноски е еден од ретките кои ја имаат можноста да студираат режија и монтажа на една од најпрестижните образовни институции во Европа и светот, чешкиот Факултет за филм, режија и монтажа во Прага, познат како ФАМУ на кој се образувале голем број познати режисерски имиња меѓу кои Емир Кустурица, Кшиштов Кишловски, Јиржи Менцел…

Вељаноски признава дека уште кога во прва година од средното образование слушнал за ФАМУ, кај него се појавила желбата еден ден и тој да се школува на познатата академија. Конкуренцијата за запишување во прва година на ФАМУ била силна, но сепак од пријавени 80 кандидати, тој успеал да влезе меѓу петте кои биле примени.


Приемните испити навистина беа обемни и беа составени од три дела . Од нас се бараше да режираме и снимиме краток филм, да се претставиме себеси, анализа на филмови, дури и да дадеме одговор на некои прашања од типот на тоа- како се викала позната чешка група популарна во 70- те години. Секако, предност за кандидатите беше да го познаваат чешкиот јазик, објаснува Вељаноски. Како што тој истакнува, една од најубавите работи кога си студент на ФАМУ е тоа што постои прекрасен однос на релација студент- професор.


Професорите со студентите имаат многу спонтан и отворен однос. Постојано сме во контакт со нив, се дружиме и можеме да побараме совет буквално за се. Секако, блискиот однос потоа воопшто не влијае врз оценувањето, затоа што тогаш не се зема во вид дали професорот е пријател со студентот, туку се оценува и критикува сосем реално, вели Антонио.

Студентите имаат можност постојано своите идеи да ги реализираат преку снимање на краткометражни филмови кои потоа се промовираат на познати филмски фестивали. Тоа претставува вистинска можност за студентите да разменуваат искуства и да воспостават контакти со бројни колеги режисери.

Краткометражниот филм “Чекање” во режија на Антонио Вељаноски

Студентите на ФАМУ имаат можност да учат од познати режисерски имиња, меѓу кои и познатиот македонски режисер Иво Трајков, за кого Вељаноски потенцира дека е најбаран од страна на студентите како ментор поради одличната комуникација која Трајков ја воспоставува со секој од студентите. Притоа,  пренесувајќи го безрезервно своето знаење и искуство.


За своите идни планови Вељаноски не открива многу освен дека голема желба му е да сними што повеќе филмови, преку кои на достоен начин ќе ја претставува и Македонија.

Независно дали ќе останам да живеам во Прага или пак патот ќе ме однесе на сосем некое друго место или ќе се вратам во Македонија, единствена желба ми е да создавам квалитетни филмови кои ќе бидат запамтени во македонската и европската кинематографија, со насмевка додава Вељаноски.  


Се надева дека еден ден и Македонија ќе се приближи до бројот на филмови кои годишно се снимаат во останатите земји, како што се Чешка каде во годината се снимаат 30- на филмови, додека пак во Германија и Франција таа бројка е многу поголема, околу 200.

Тања Кувенџиска