Професионалниот новинар во холандската национална телевизија „НОС Студио Спорт“, хроничар и колумнист Владо Велјаноски, кој потекнува од охридскиот крај, ја започна авантурата низ поранешна Југославија, која ќе биде преточена во книгата „Роден во држава која не постои повеќе“, која од печат ќе излезе во 2016 година во издаваштво на „Carrera“, четврта по големина издавачка куќа во Холандија.

Како што веќе пишувавме,  книгата половина ќе биде автобиографска, а половина ќе говори за животот во бивша Југославија, во која Владо е роден. За таа цел тој ќе патува низ поранешните Ју републики и ќе ги раскаже приказните на обичните луѓе од Балканот, каде не е се така црно како што се прикажува, посочува авторот, додавајќи дека насловот на книгата „Роден во држава која не постои повеќе“ има и своја симболика.

Владо деновиве допатува во Охрид и го посети селото Плаќе од каде влече корени, а почетната инспирација ја црпеше во Канео, за кое го врзуваат емотивни спомени поврзани со љубовта на својот живот. По кафето што го испивме на брегот на Охридското Езеро, Владо отпатува за Косово, каде покрај Приштина ќе посети уште неколку други места, по што ќе отпатува за Белград, Србија. Оттаму за Подгорица, Црна Гора, со што ќе го заокружи првиот дел од патот низ бивша Ју, кој ќе го продолжи во февруари.

– Роден сум во Република Македонија која беше дел од Југославија. Така секаде пишува во моите документи. Родно место: Село Плаке, Југославија. Колку пати само се имам обидено во Холандија да го сменам тоа во Македонија. Не е можно. Според нив официјално сум роден во Југославија, држава која во 1990-та се растури. Ќе патувам со воз од Скопје, до Белград, Загреб, Љубљана, Минхен, Франкфурт, Келн, до Холандија. Ќе одам по истиот пат како што дојдов во 1973 во Холандија, како мало бебе. Сакам да го доживеам сето тоа. Во книгата ќе пишувам како е сега таму, како се живее…., Ќе пишувам за родниот крај Плаќе, за убавината на Охрид. За туристите кои доаѓаат од Холандија на Охридското Езеро, од каде ние избегавме пред 40 години во потрага за подобар живот во Холандија. Татко ми имаше две магариња, сега холандските туристи јаваат на магариња во близина на родниот крај. Жестока тема. Нема никого да осудувам. Тоа не е воопшто целта на книгата. изјави неодамна за “OhridNews” Велјаноски.

Според најавите книгата „Роден во држава која не постои повеќе“ на Владо Велјаноски идниот јуни 2016 треба да се најде во продажба низ цела Холандија, а доколку се создадат услови во план е таа да се преведе на Македонски и Српски јазик.

Г.М.