Веќе подолг временски период, охриѓани бараат подобрување на лошите услови во кои се наоѓаат велосипедските патеки ширум градот. Паркираните автомобили, ниската сообраќајна култура на поединци, оштетениот асфалт, несоодветно поставените контејнери и украдените метални шахти, се само дел од проблемите со кои велосипедистите секојдневно се соочуваат.

Едни се жалат на несовесните граѓани, кои и онака малкуте велосипедски патеки долж булеварот „Туристичка“, ги „барикадираат“ со своите моторни возила.

Свеста кај поединци за поимот сообраќајна култура е на доста ниско ниво. Граѓаните ги паркираат своите мопеди на патеките наменети за велосипеди, кои и онака се во мал број низ Охрид. Затоа сме приморани да се движиме по тротоарите или коловозните ленти.“- велат охриѓани.

Граѓаните потенцираат дека во поголемиот дел од денот, патеката неменета за велосипеди на улицата „Македонски просветители“ се злоупотребува од возачите на автомобили, со што целосно се загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Секојдневно автомобилите се оставаат на велосипедската патека долж оваа улица, која е доста прометна со оглед на тоа што се наоѓа во строгиот охридски центар. Ако тоа не е паркирана кола, тогаш по патеката се движат мопеди. Има случаи, кога граѓаните ги возат своите мотори и по тротоарот наменет за пешаци, со што безбедноста се сведува на миниум.“ – потенцира наш сограѓанин.

Други објаснуваат дека велосипедските патеки во периферните делови на Охрид воопшто не функционираат, бидејќи на истите се поставени контејнери за отпадоци или пак се целосно оштетени од корењата на дрвата.

Можам да напоменам дека до некаде е добра патеката на Туристичка, од Лескајца па се до гимназија. Понатака, воопшто не се води грижа за овој вид на сообраќај. Има отворени шахти, асфалтот е целосно уништен, а контејнерите се поставувани токму на местото предвидено за точаци. Еден дел од патеката, дури е целосно узурпиран, па приморани сме да возиме директно по улицата.“ – објаснуваат охриѓани.

И претходно, младите од Охрид  преку „OhridNews“ упатија апел Локалниот совет на млади, барајќи целосно средување на велосипедските патеки, за кои многумина велат дека не ја вршат функцијата за која се наменети.

O.T.