Жителите и туристите кои се сместени долж улицата „АСНОМ“, велат дека длабоко во ноќта неподнослива е бучавата од несовесните возачи на моторни возила.
„Некогаш ова беше мирна населба, а сега улицата стана место каде младите се тркаат со своите автомобили и моторцикли во вечерните часови. Бараме надлежните да воведат построги контроли на овој потег, бидејќи едноставно бучавата е неподнослива.“ – вели охриѓанец од населбата Бејбунар.
Станарите од оваа локација, потенцираат дека музиката која доаѓа од локалите на плажите е прегласна во раните утрински часови, додека дел се жалат на „буката“ предизвикана од градежните работи во соседството.
„Претежно се работи за турбо-фолк музика, која ечи до рано сабалје. Со години наназад, сите ветуваат дека ќе се стави крај на ова „дивеење“, но некако и оваа сезона пропустот се протна меѓу надлежните. Доаѓаат луѓе кои сакаат да одморат, а се соочуваат со неподнослива бука. Постои закон, со кој се одредува колку децибели треба да е гласна музиката. Ова е дефинитивно над нормалното. Морам да нагласам дека изминатата недела, над сето ова искрсна уште еден проблем, а тоа се градежните работи градилиштата во близина. Можеби сето тоа е во рамките на законските акти, но потребно е да се воведе некоја рестрикција барем во шпицот на сезоната.“ – вели жител од улицата „Никола Карев“.
Со сличен став се и жителите од „Стар град“, кои бараат од надлежните институции да стават ред во работата на угостителските објекти во Охрид. Во вчерашниот допис на УЗ „Стар град“, се наведуваат проблемите меѓу кои се наведени непочитување на работното време од страна на одредени угостителски објекти, бучавата која ја предизвикуваат некои од нив, особено од локалите на плажите, но и бродовите кои пловат во вечерните часови, како и справување со комуналниот неред.
„Сметаме дека градоначалникот и Советот на општина Охрид ќе преземат конкретни активности за решавање на овие незаконитости кои им се допуштени на угостителите и нивните гости. Општина Охрид преку своите служби, подрачни единици на министерствата, пазарната инспекција, особено полицијата треба да спроведат конкретни и одлучни активности за сузбивање на овој неред и беззаконие. Со ова, ќе овозможиме помирен живот на граѓаните и ќе допринесеме поголем број туристи да доаѓаат во нашиот град.“ – велат од Урбаната заедница „Стар град“.
Неодамна, градоначалникот Никола Бакрачески на осмата седница на охридскиот Совет, одговорајќи на советничките прашање истакна дека долгогодишниот проблем со бучавата од кафулињата во стариот дел од градот, што секоја летна сезона ги остава будни граѓаните до раните утрински часови и проблемот со пречекорувањето на работното време на угостителските објекти, оваа година ќе бидат решени.
„Инспекциските служби имаат добиено инструкции како да постапуваат при секое непочитување на работното време или пак надминување на дозволениот максимум во однос на јачината на музиката од кафулињата. За секое непочитување на пропишаните одредби ќе следат строги санкции.“ – изјави неодамна Бакрачески.