Студенчишкото блато треба да се заштити сметаат граѓаните на Охрид. Во анкетата што изминатата седмица ја спроведе OhridNews, охриѓани покажаа висока еколошка свест, упатувајќи јасна порака дека овој неоткинлив дел од езерскиот еко систем мора да се зачува. На анкетното прашање: Што треба да се направи со Студенчишкото блато? – 57 проценти одговориле дека тоа треба да се заштити, 32 отсто да се стави во функција на одржлив развој, а 11 проценти сметаат дека тоа треба да се експлоатира. Во анкетата беа вклучени 850 читатели на OhridNews.

Студенчишкото блато, или поточно она што остана од него, долги години е на мета моќните урбанистички компании и желба на разни инвеститори. Дополнително тие се охрабрени од несоодветниот однос на надлежните во минатото, кога најпрвин беше изградена асфалтната патека која ја прекина природната врска помеѓу блатото и езерото, а потоа тука беа сместени и канцелариите на јавното комунално претпријатие, но и објекти на војската и полицијата. И за жал сето тоа без посериозна забелешка и јасна критика од научната јавност.

OhridNews во обид да го сврти вниманието на јавноста за значењето на Студенчишкото блато за опстанокот на Охридското Езеро, пред 3 години со поддршка на Министерството за животна средина реализираше проект со кој беа ревитализирани околу 1200 метри квадратни блатна површина која беше покриена со стотици кубни метри најразличен цврст отпад. За жал и денес дел од блатото се користи како депонија за градежен и друг отпад, што според експертите има несогледливи последици.

Неодамна на иницијатива на Одделението за заштита на животна средина при општина Охрид,  изготвен е Нацрт на Интегрираната студија за состојбата со остатокот на Студенчишкото блато која содржи конкретни  мерки за негова ревитализација. Студијата како што информираат надлежните,  предвидува преземање на низа активности кои суштински треба да го решат проблемот со заштитата на блатото, и ќе придонесе за негова валоризација и одржлив развој. 

OhridNews